ЗНМ, МАН и АВМУ реагираат на одлуката на Министерството за информатичко општество и администрација со која им се оневозможува на многу медиуми да ја извршуваат својата функција на известување и следење на полицискиот час.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во својата реакција вели:
“АВМУ апелира, во услови кога е прогласена вонредна ситуација поради коронавирусот, на сите медиуми – електронски, печатени и онлајн медиуми – да им се обезбеди еднаков пристап за известување.
Имајќи ја предвид неопходноста граѓаните да бидат навремено, објективно и сестрано информирани за превенцијата од ширењето на коронавирусот и мерките коишто надлежните институции ги преземаат, институциите треба да вложат максимални напори во насока на што поинклузивно и потранспарентно работење. Во овој контекст, ја повикуваме Владата и државните органи да овозможат пристап на сите медиуми на своите прес-коференции и слични настани и одговорите на сите неодговорени прашања на конференцииите да бидат објавени на нивните веб страници.”
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека ограничувањето, според кое онлајн медиумите кои не се дел од Регистарот на ЗНМ и ССНМ не можат да добијат дозвола за движење со цел вршење задачи во услови на полициски час, не е оправдано и бараат Владата да го преиспита ваквиот чекор.
Во нивното соопштение-реакција тие наведуваат:
“Сметаме дека е важно во услови на криза институциите да најдат начин за новинарите и медиумските работници да бидат присутни на терен, со цел да ја информираат јавноста за тоа дали се почитуваат мерките кои се на сила, но и воопшто да известуваат за прашања од јавен интерес.
Во контекст на ова, укажуваме дека зачленувањето во Регистарот на професионални онлајн медиуми е на волонтерска основа и служи за да се промовираат и афирмираат медиумите кои ги почитуваат професионалните стандарди и критериумите за членство, како помош на граѓаните при изборот на медиумите за нивното информирање и на бизнис заедницата во пласирањето на нивните реклами. Целта на Регистарот е да се следи почитувањето на новинарските стандарди, да се поттикнува професионалноста и да се алармира на прекршувањата, но не може да служи за ограничувања во секојдневното извршување на работните задачи.
Оттука, сметаме дека ограничувањето според кое медиумите кои не се дел од овој Регистар не можат да добијат дозвола за движење со цел вршење задачи во услови на полициски час не е оправдано и бараме Владата да го преиспита ваквиот чекор. “
Со реакција на ова одлука од МИОА се јави и Македонската асоцијација на новинари (МАН) кои меѓу другото велат:
“Информативните интернет портали секаде во Европа се дигитален медиум равноправен со другите традиционални медиуми. Традиционалните медиуми, телевизии, радиа и весници се регистрирани во Агенцијата за медиуми, согласно постапка утврдена со закон во институција која работи според валидни закони.
МАН десет години инсистира и дигиталните медиуми, порталите, да бидат регистрирани равноправно во Агенцијата за медиуми.
Во очекување на регистрација при Агенцијата за медиуми информативните портали се веќе три години здружени и регистрирани во меѓународната организација ИАБ Македонија.“
Ставот на Маркетинг365 е во линија со размислувањата на АВМУ, ЗНМ и МАН и ние исто така сметаме дека оваа одлука треба да се преиспира и никако не смее да се прави супремација на определен регистар на медиуми, а притоа да се занемаруваат и оштетуваат другите медиуми кои се дел од други саморегулаторни кодекси и регистри (на пример на ИАБ Македонија која е водечка асоцијација во која членуваат најголемите интернет портали, маркетинг агенции и огласувачи) или воопшто не се дел од никаков регистар или саморегулаторен процес.
Саморегулацијата е на волонтерска основа и таа е наменета да ги промовира и афирмира медиумите кои почитуваат определени етички правила и насоки на Здруженијата кои ги пропишуваат (како што се ЗНМ, СЕММ или ИАБ) пред се заради огласувачите, но тој процес нема намера и не смее да ги демонизира другите медиуми и да им забрани да ја извршуваат својата функција на известување.