Пишува: Марко Костадиновски, Why Not Communications
Се наоѓаме во една непозната ситуација за сите нас, која со себе носи многу нејаснотии и ситуации кои досега не сме ги почуствувале нити пак сме ги предвиделе. Предизвикот со кој се соочуваме е реален, сериозен и страшен.
Еден од најлесните предизвици со кои се соочивме е работата од дома, бидејќи тоа ни го дозволува нашата работа и некако слободата во она што го правиме ни го дозволува тоа и во нормални услови. Деловните состаноци на редовна основа кои ги обавуваме со клиентите се речиси целосно откажани, а комуникацијата продолжува да се води преку телефон, каде се одлучува за понатамошните постапки. Но, знаејќи дека оваа пандемија предизвика еден ланчан систем каде целиот бизнис сектор во овие моменти е на колена, и ние сме погодени.
Активностите се минимизираат, дел се ставаат во мирување, а со тоа се става во мирување и дел од нашата работа, за која ние како работодавци ги сносиме последиците. Оваа ситуација е отсликување на перцепцијата каде дел од компаниите не ја препознаваат сеуште рабоатата на ПР агенциите и услугите кои ги нудиме, и иако бројката се намалува, сеуште постојат компании кои ја поистоветуваат работата на ПР агенциите со други дејности или пак ја поистовестуваат само со односи со медиуми и управување со социјални медиуми. Искрено оваа ситуација ќе ги извади на виделина сите слабости кои ги имаме како држава во секој сегмент.
За сите овие последици нормално е државата да излезе со економски мерки кои реално ќе бидат од помош за секторот и кои директно ќе помогнат за нормално функционирање на реалниот сектор. Популистички мерки и мерки кои се премногу нејасни и ја доведуваат јавноста во конфузија ќе не воведат во поголем проблем и недоверба кон институциите.
Како агенција сакаме да испратиме порака да бидеме солидарни во овие моменти кои се тешки за сите, да помагаме колку што можеме, да бидеме толерантни, и да се обидеме да ја адаптираме рабтата кон продуктивни активности со што ќе се продолжи да се бараат алтернативи за целокупниот процес, како и да бидеме општествено одоговорни.