Омниковата адвертајзинг мрежа TBWA Worldwide, вчера објави дека ја купува независната германска адвертајзинг агенција Heimat, прогласена за германска агенција на годината која вработува 230 луѓе во своите канцеларии во Берлин и Хамбург.
TBWA ќе го поседува мнозинскиот пакет во Heimat, на чие чело пак, остануваат нејзините основачи Matthias von Bechtolsheim, Guido Heffels и Andreas Mengele кои и ја формираа агенцијата во веќе далечната 1999 година.
CEO-то на Heimat , von Bechtolsheim ќе продолжи како извршен директор на ново-формираната TBWA Operating Group Germany која ќе ги спојува германските специјализирани агенции на TBWA.
Von Bechtolsheim по повод договорот изјавил: “Имавме разговори со повеќе интернационални групации, но партнерството со Омником и TBWA е базирано на нашиот заеднички респект спрема претприемништвото и креативноста. Нашата посветеност и страст спрема нашите клиенти и нивните брендови создадоа многу плодни релации со многу интернационални клиенти во последниве 15-тина години. Ќе продолжиме да работиме со истата посветеност, заедно ! “
Со оваа аквизиција, TBWA групата во Германија, покрај услугите на Heimat ќе може да понуди интегрирани адвертајзинг решенија и со услугите на бренд агенцијата DO IT! , агенцијата за B2B комуникација – RTS Rieger Team и компанијата за бизнис стратегии “The Disruption Consultancy“.
За Омником, ова е прва потврдена аквизиција од нивна холдинг компанија или некоја нивна агенција откако пропадна спојувањето со Публицис пред некоја недела. Тоа е вкупно четврта аквизиција на групата за оваа година и втора за TBWA која претходно ја купи и бразилската “Mood“ во март годинава.