Маркетинг компаниите кои се во состојба ефикасно да го променат организацискиот модел, покажат емпатија во сè што прават, ги советуваат клиентите на искрен, неутрален начин кој се заснова на знаење и прифатат дека социјалното влијание на брендовите ќе биде нивниот најголем столб во иднина, ќе имаат загарантиран развој
„Несомнено, ние сме на почетокот на она што досега сме го гледале само во филмовите или сме го читале во историските книги. Секако, прво мора да се биде оптимист, затоа што планетата никогаш не била толку поврзана, никогаш науката толку развиена и никогаш, верувам, нема да постои толку единствен напор, човечки и финансиски, на целата научна и фармацевтска заедница да најде што е можно поскоро лек и вакцина за коронавирусот . Во меѓувреме, треба да се прилагодиме на дисциплинираниот живот што оваа ситуација го диктира и да покажеме голема одговорност, солидарност и трпеливост“, вели Срѓан Шапер, основач на I&F Група, за состојбата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
Во овој момент, солидарноста на сите ни е потребна повеќе од било кога. Комуникациската индустрија има знаење, искуство, дали сега има уште поголема обврска да ги промовира вистинските вредности?
Повеќе од другите луѓе или компании, ние сме тие што можеме да ја потсетиме јавноста за ова преку нашата работа. Тогаш ајде навистина да го преземеме водството, да дадеме пример и да ги покажеме нашите креативни идеи и нашите вредности, кои се толку важни во овие денови. Солидарноста е услов да успееме и како компанија и како цивилизација. Затоа, убавите гестови, љубезноста и грижата никогаш нема да бидат доволни. Колегите од нашата агенција SDG во Норвешка креираа кампања за брендот на нивната земја наречена „Stronger Together“. Ние докажавме дека ова важи и за нас. Покажавме голема солидарност и спрема општеството во кое живееме и едни спрема други и мислам дека во наредните денови ќе бидеме подготвени така и да продолжиме колку што можеме. Горд сум што како компанија, со поддршка на нашите вработени, бевме меѓу првите кои се приклучивме на акцијата на УНИЦЕФ Србија и купивме пет респиратори за здравствените центри.
Адвертајзингот не може да постои без огласувачите и медиумите. Дали постои свесност кај сите страни дека комуникацијата и проактивниот пристап сега, може да бидат потребни повеќе од кога и да било?
Се стремиме да бидеме еднакво добри партнери на нашите клиенти како и досега. Излегуваме со нови идеи, прилагодени на медиските и логистичките предизвици на кои сега се изложени нашите клиенти. Мислам дека е важно сите заедно да им помогнеме на клиентите, врз основа на нашето искуство, истражување и анализа, да разберат колку е важно да не ја прекинуваат комуникацијата со потрошувачите, што е искушение што ќе го почувствуваат многумина. Силата на нашите брендови во иднина ќе зависи од начинот на кој се позиционираат во овој момент. Ќе бидеме оптимисти затоа што на крајот на оваа криза, сосема е можно да се укаже подобар свет, кој ќе има поголемо разбирање за сите луѓе и за целата планета.
Сведоци сме дека светот се менува пред нашите очи. Од нашите навики до начинот на кој комуницираме. Дали е тоа моментална појава предизвикана од оваа ситуација? Или ќе мора да прифатиме дека ништо повеќе нема да биде исто?
Доколку пред дваесет дена, некој ни речеше дека ќе живееме во општество во кое никој во поголемиот дел од земјината топка нема да излегува од дома, освен ако не мора, во кое огромно мнозинство на вработени работат од дневната соба, каде што се затворени ресторани, кина, театри, спортски сали, теретани, трговски центри, фризерски салони, во кое луѓето оддалечени илјадници километри го прават истото, ги мијат рацете не пократко од 20 секунди и се држат на оддалеченост најмалку два метра едни од други, во кое не летаат авиони, хотелите се затворени, нема туристи и деловни состаноци, границите се непроодни и весниците имаат десет пати помал тираж – реално не би верувале дека тоа е можно. Но ете, се случи, и тоа брзо и ефикасно. И се создава свет кој нема да се врати на она што беше, туку ќе создаде некоја нова нормалност кога сето ова ќе заврши.
Каква ќе биде таа “нова реалност“, која ја споменувате?
Ова е тема на која, пред сè ние кои сме експерти за комуникација, треба да се осврнеме. Во таа нова нормалност ќе постои една важна точка на поврзување – сите на светот ќе го имаме ова искуство, искуството на соочување со опасност која е иста за сите. Се надевам дека тоа што за прв пат од постоењето на човечкото општество, сите ние застанавме пред заеднички непријател, ќе биде освестувачки за сите луѓе и ќе покажеме колку сме сите еднакви и исти, каде и да живееме.
Секако ќе се променат многу работи. Дали сте подготвени за “денот после утре”?
Веќе е јасно дека транзицијата кон онлајн комуникација, како кога станува збор за бизнис, рекламирање и маркетинг, така и кога станува збор за личен живот, образование, набавка, медицински и разни други консултации, ќе добие огромно забрзување. Се разбира, не во сите земји на ист начин и со иста брзина, но, верувам, со разлики многу помали од досега. Исто така, се надевам дека искуството на емпатија од времето на корона, ќе значи можност за поотворено и поинклузивно општество, а кога станува збор за нашата индустрија, можност за многу похумана и емотивна креативност.
Похумана и емотивна креативност? Што значи тоа?
Нашето мото, да работиме за доброто на бизнисот, за луѓето и за планетата, ќе добие сила и уверливост. Поради тоа, сега треба да докажеме дека тоа навистина и го мислиме. Ве поканувам да ја ослободиме нашата креативност од стегите, да излеземе од сите ментални кутии и да дадеме најголем креативен придонес во нашата цивилизација, во кампањите на нашите клиенти и социјалните идеи за општеството и планетата како целина. Креативноста е нашата сила и нашата алатка.
Маркетинг компаниите кои се во состојба ефикасно да го променат организацискиот модел, покажат емпатија во сè што прават, ги советуваат клиентите на искрен, неутрален начин кој се заснова на знаење и прифатат дека социјалното влијание на брендовите ќе биде нивниот најголем столб во иднина, ќе имаат загарантиран развој. Верувам дека сме таква компанија и дека треба да го покажуваме тоа во пракса секој ден.