Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот –АППТ и Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка-SDC подготвуваат кампања за промоција на домашниот туризам во Република Македонија под насловот „Дома си е дома“.
Со оваа кампања ќе се промовираат различни дестинации и активности во државата како предлог за посета од страна на домашните туристи во претсојните сезони лето/есен 2020. Ова ќе придонесе за поддршка на домашните чинители во туризмот (туроператори, сместувачки капацитети, ресторани, превозници итн.) и поддршка на домашната економија, како одговор на кризата предизвикана од Covid-19.
Целните публики за оваа кампања се сите домашни туристи, странски државјани кои живеат/работат во нашата држава, но потенцијално и туристи од регионот и странство, во согласност со постоечките рестрикции за патување.
Во рамки на целните публики, постојат неколку подгрупи, и тоа:
1) модерни/урбани семејства (родители и деца),
2) постари двојки,
3) млади двојки,
4) групи колеги (team-building туризам),
5) луѓе кои патуваат со своите миленици.
Преку реализација на кампањата „Дома си е дома“ се поттикнува комуникацијата со потенцијалните домашни туристи со цел да се одлучат за патување во својата земја, да посетуваат локалитети во своја близина или пак на ниво на државата, но и да направат неколкудневни екскурзии или да се одморат во недопрените рурални предели на нашата убава земја.
Пораката што се праќа со оваа кампања е дека секој од нас со тоа што ќе избере да летува дома учествува во помош на приближно 40.000 вработени во туристичко-угостителската индустрија.
Како што за Маркетинг365 изјавија од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, промотивни канали преку кои ќе се комуницира кампањата ќе бидат социјалните медиуми (Facebook, Instagram, YouТube), билборди во поголемите градови и по автопатот Е75 и коридорот Е65 како и радио реклами, (каде како алатки ќе се користат туристички репортажи), потоа банери и 10 кратки видеа.
Промотивните видеа кои ќе се изработат за потребите на кампањата ќе се фокусираат на 10 дестинации низ државава, кои опфаќаат дополнително по 3-5 локации по дестинација. Туристичките дестинации во РСМ, ќе бидат претставени преку конкретни активности/ производи од активниот туризам (планинарење, велосипедизам, спортско качување итн.), во комбинација со културни искуства, рурални предели и гастрономија.
Слоганот под кој ќе се одвива оваа промотивна маркетинг кампања е „Дома си е дома“ и според планираното треба да започне на крајот на месец Мај, а ќе трае до крајот на тековнава година. Во неа дополнително ќе бидат инволвирани сите засегнати субјекти за максимално ангажирање на домашните капацитети, атракции и дестинации, да им се понуди на домашните туристи подобрена туристичката понуда.
Затоа, испијте го вашето кафе на територијата на државава, посетете некоја од дестинациите каде одамна или никогаш не сте биле и поминете викенд на планина, езеро или во винарија! Потсетете се што значи да си дома, затоа што само “дома си е дома”.