Технолошкиот гигант Facebook ја купи компанијата за анимирани слики Giphy. Цената на договорот не е официјално објавена, но според шпекулациите таа изнесува околу 400 милиони долари.
Компанијата Giphy е создадена во 2013 година, а нејзината библиотека на анимирани содржини се состои од над 10 милијарди слики кои секој ден ги ползуваат над 700 милиони луѓе ширум светот. Досега, сликите на Giphy беа користени од повеќе социјални мрежи, вклучувајќи ги Twitter, TikTok, iMessage, Snapchat и секако – Facebook.
Според соопштението на Facebook, Giphy ќе продолжи да управува со својата библиотека, а сите останати платформи ќе имаат пристап и можност да ги користат содржините на Giphy како и досега.
Целта на Facebook со купувањето на Giphy е да ги интегрира анимираните содржини во социјалната мрежа за споделување фотографии и видеа Instagram, која е исто така во сопственост на Facebook и има над 1 милијарда корисници. Анимираните слики на Giphy ќе продолжат да се употребуваат во приватните пораки како и досега, но ќе станат достапни за користење и во рамки на кратките приказни т.н. Stories.