Адвертајзинг агенцијата Voltage, специјализирана подружница на DDB (дел од групацијата Omnicom) задолжена исклучиво за адвертајзингот на германскиот автомобилски бренд Volkswagen, ќе истражува дали неодамна објавената и потоа повлечена расистичка реклама е дело на саботажа.
Имено, пред околу една недела, Volkswagen објави кратка видео-реклама на социјалните мрежи Instagram и Twitter за промоција на новиот Golf 8. Меѓутоа, рекламата беше набргу тргната под притисок на јавноста поради својот наводен расистички карактер. Од Volkswagen потоа истакнаа дека се „ужаснати“ од расистичката реклама и дека ќе поведат сопствена истрага во однос на нејзиното објавување.
Пред неколку денови се огласи и агенцијата Voltage, поточно нејзиниот извршен директор Тоби Пшор, кој соопшти дека: „Доколку постојат какви било докази дека некој вработен или добавувач намерно смислил и вметнал расистички и нетолерантни пораки во нашата комуникација, ќе следи итно разрешување и правни репрекусии.“
Во текот на викендот по непосакуваната случка, веб-сајтот на агенцијата беше недостапен, а германскиот Твитер профил на брендот беше заклучен.
Volkswagen го има еден од најголемите буџети за адвертајзинг во светот, кој минатата година изнесуваше дури 1.5 милијарди долари.