Креативниот фестивал White Square, добро познат во областа на комуникациите во Европа и пост-советскиот комонвелт, е еден од неколкуте фестивали кои брзо успеаја да се адаптираат на новата реалност. Во пресрет на крајниот рок за пријавување на кампањи, разговаравме со Алена Устинович, претседател на Асоцијацијата на комуникациски и маркетинг агенции на Белорусија, организатори на фестивалот.
1. Како што е познато, на 31 мај завршува рокот за пријавување на кампањи за овогодишното издание на White Square. Како ситуацијата со пандемијата влијаеше врз фестивлот и колку пријавени кампањи очекувате да се натпреваруваат оваа година?
Свесни за одговорноста пред учесниците на фестивалот и земајќи го предвид тековното затворање на границите на многу земји, донесовме одлука да го ажурираме форматот на фестивалот, неговата деловна програма, сесиите на жирирање и наградната церемонија. Од гледна точка на организирање на натпреварувањето, можеме да кажеме дека имавме среќа – веќе повеќе години, пријавите за White Square се прифаќаат онлајн на официјалната веб-страница на фестивалот adfest.by.
Годишно, од крајот на декември до почетокот на јануари, меѓународните агенциски мрежи и локални компании од различни делови на светот почнуваат да ги испраќаат своите креативни проекти, а почетокот на овогодишната креативна сезона не беше исклучок. До почетокот на март, веќе имавме неколку стотици кампањи од различни земји. Меѓутоа, пандемијата, а со неа и откажувањето на разни настани во различни сфери низ целиот свет, доведоа до вкочанетост, вклучително и меѓу огласувачите, бидејќи никој не знаеше како да се дејствува во овие новосоздадени околности. Не се сомневавме дека моравме да дадеме сé од себе за фестивалот да се одржи дури и во такви тешки времиња. Бидејќи на крајот на краиштата, фестивалите нудат инспирација, нудат развојни насоки за сите што работат во индустријата, ја подигнуваат конкуренцијата и не дозволуваат да се случи застој. Тоа е секогаш шанса да се добие признание или делумно разочарување, како кај спортските натпревари, но поттикот што фестивалските награди им го носат на адвертајзерите е она што нив ги прави успешни. Затоа, продолживме да прифаќам креативни кампањи и сме задоволни што оваа година географијата на учесниците на фестивалот дури и се прошири.
Во оваа фаза, до фестивалот се доставени кампањи од повеќе од 20 држави. Не би го открила досегашниот број на пријавени проекти, бидејќи главниот товар се очекува непосредно пред крајниот рокот, но се надеваме дека бројот ќе биде блиску до минатогодишниот. Ми се допаѓа нивото на пријавените кампањи. Сите тие се различни, и навистина можеме да кажеме дека јазикот на адвертајзингот е меѓународен – добрата идеја е во состојба да биде ефикасна и на различни пазари. Патем, оние дела што веќе се модерирани, можат да се погледнат на веб-сајтот на фестивалот под страницата “Entries“.
2. Колку е релевантна темата на Ковид-19 за фестивалските проекти?
Од истиот момент кога ситуацијата со вирусот беше наречена пандемија, ние ја изразивме нашата иницијатива да ја поддржиме светската заедница во спротивставување на коронакризата и објавивме бесплатно прифаќање на кампањите поврзани со Ковид-19 за учество на овогодишниот White Square. Кампањите ќе бидат оценувани од жирито за категоријата “Change for Good”. Свесни за важноста на ваквите кампањи за целиот свет, ние воспоставивме специјални награди за нив, но решивме да не ги вклучуваме во индустриското рангирање. Ова правило нема да се однесува на комерцијалните кампањи што ефективно ја користеле оваа тема во нивните комуникации.
3. Претходните години, жирирањето на White Square секогаш се одвиваше „офлајн“. Како ќе ги организирате сесиите на жирирање оваа година?
За прв пат оваа година, жирито ќе ги оценува пријавените кампањи онлајн. Секоја година се обидуваме да го направиме процесот на жирирање што е можно потранспарентен и, се разбира, кога одиме онлајн, внесуваме посебни напори во тоа. Ние, исто така, ќе го прошириме договорот за доверливост, така што учесниците ќе бидат сигурни дека нивните комерцијални информации ќе бидат заштитени. Процесот на жирирање ќе се одвива во неколку фази: од 15 до 22 јуни ќе се одржи првичното селектирање на кампањите, а на 24-26 јуни во формат на онлајн конференција со дискусии во живо ќе се одржат конечните сесии на жирирање.
White Square има шест меѓународни жири-тимови: Креативно жири, Брендинг жири, Маркетинг жири, Дигитално жири, Медиа жири, и жири за категоријата „Промени за добро“ – составени од експерти со меѓународно признание во адвертајзингот, кои повеќекратко се нашле во улога на жири-членови на најголемите фестивали во светот и освоиле стотици престижни меѓународни награди за креативноста и ефективноста на нивните дела. Покрај тоа, меѓународниот состав на жирито за мас медиуми ќе продолжи со работа оваа година и ќе вклучува претставници од водечките креативни и адвертајзинг медиуми во светот. Grand Prix наградата на фестивалот ќе биде доделена од Големото жири, кое ќе го сочинуваат по двајца претставници од секое поединечно жири по категорија: нивните претседатели и потпретседатели.
4. Какви промени се очекуваат во однос на деловната и едукативната програма на фестивалот? Колку што знаеме, и покрај фактот што Белорусија не прогласи карантин, сите јавни настани во земјата се забранети.
Да, тоа е точно, па затоа овогодишната деловна и едукативна програма на White Square исто така ќе се одржи онлајн, на 7 и 8 јули. Ние ќе ја задржиме традиционално разновидната програма на фестивалот, со повеќе од седумдесет активности: предавања, работилници и панели за дискусија на важните теми и прашања поврзани со индустријата, предводени од комуникациски експерти од цела Европа и регионот на пост-советскиот комонвелт. Меѓу говорниците ќе се најдат и Едсон Атајде, генерален извршен директор и генерален креативен директор на FCB Lisboa од Португалија; Тиџмен Молдер, ко-основач на Robot Kittens од Холандија; Ана Луканина, управен партнер во Depot од Русија; Францеск Морето, дизајнер во Interband Madrid од Шпанија; Јулија Довлатова, извршен креативен директор на Geometry Prague од Чешка; Фолкер Врејџ, генерален извршен директор на Leavingstone од Грузија/Швајцарија; Андреј Длигач, директор на Advanter Group од Украина; Доротија Тот, постар копирајтер во DDB Budapest од Унгарија; претставници на Адвертајзинг асоцијацијата на Кина и многу други.
Искуството со емитување преку интернет е ново за White Square и за нас е многу важно не само да ја организираме работата на неколку виртуелни конференции на висококвалитетен начин, туку и да ѝ ја дадеме на оваа манифестација вистинската фестивалска атмосфера која е карактеристична за White Square – она поради што нашите учесници нè сакаат и ценат, и искрено им благодариме за тоа. И оваа година, со цел да ја поддржиме индустријата, за прв пат за сите агенции кои пријавиле кампањи, мас-медиумите и сите фестивалски партнери, ќе организираме промотивни кодови за онлајн следење на програмата и наградната церемонија.
5. Во каков формат планирате да ја одржите наградната церемонија на фестивалот?
Традиционално, наградната церемонија на White Square е кулминацискиот момент на фестивалот и учесниците од различни земји ширум светот се обидуваат да присуствуваат на неа. Оваа година, поради меѓународните рестрикции за патување, за жат тоа нема да биде можно. Врз основа на актуелната ситуација, подготвуваме нов формат кој ќе комбинира офлајн и онлајн елементи. Доколку дозволува епидемиолошката ситуација во Белорусија и забраната за одржување на јавни настани се укине, на 9 јули ќе организираме наградна церемонија во формат на офлајн забава под отворено небо. Настанот ќе се емитува онлајн во преку 30 држави и заедно ќе ги собере учесниците од различни делови на светот – Европа, Азија, Јужна Америка. На White Square секогаш има висококвалитетни кампањи, што подразбира и висока конкуренција за наградите. Навистина се надевам дека победничките кампањи на индустријата ќе ѝ ја дадат потребната инспирација, ќе помогнат во поставувањето на нови трендови и ќе понудат насоки за иднината.
6. Неодамна, White Square објави промотивно видео со кое се повикуваше на „Демаскирање на креативноста!“. Што го поттикна создавањето на едно такво видео и каква порака се обидовте да испратите?
Бизнисот се има соочувано со кризни феномени не еднаш или двапати, но можеби за прв пат со такво чувство на страв и прашањето „да се биде или не“. Кога не само на белорускиот или рускиот пазар, туку и на европскиот и американскиот, огласувачите ги замрзнуваат своите кампањи и настани на глобално ниво, наместо да прифатат дека токму креативноста може најефикасно да реши голем број од проблемите во деловните и социо-културните сфери. Со создавањето на видеото сакавме да ја поддржиме професионалната заедница ширум светот, да ги потсетиме дека стравовите немаат иднина, а креативноста нема потреба од маска. Како заклучок, би сакала да кажам дека крајниот рок за пријавување на кампањи е 31 мај, иако можеби ќе го продолжиме уште малку за оние кои немаа доволно време да ги подготват своите пријави. Ги покануваме сите кои се спремни за акција да учествуваат и им посакуваме добра среќа. Време е за победи!