Во екот на протестите против убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд во кој учествуваше полицијата, гигантот на спортска опрема ја објави својата нова реклама
После една недела протести и немири во Минеаполис и ширум САД, како одговор на смртта на Џорџ Флојд, спортскиот гигант за облека Најк објави моќна реклама која директно се осврнува на расизмот и им апелира на Американците да “не го прават тоа“.
Во петокот навечер, брендот со седиште Бевертон , во државата Оргон, објави ново видео од 60 секунди на своите дигитални канали. Со впечатлив бел текст напишан на црн екран, Најк порачува: „Овој пат, не го правете тоа. Не се преправајте дека во Америка нема проблеми. Не ја свртувајте главата пред расизмот. Не прифаќајте дека се одземаат невини животи“. Видеото, насловено „Овој пат, не правете го тоа“, ги охрабрува луѓето да престанат да молчат и да бараат изговори, туку да бидат дел од промените.
„Најк има долга историја на борба против нетолеранција, омраза и нееднаквост во сите свои облици“, се вели во изјавата на портпаролот на брендот. „Се надеваме дека со споделување на ова видео ќе послужиме како катализатор и ќе ги инспирираме луѓето да дејствуваат против длабокиот проблем во нашето општество, да ги охрабриме да помогнат во обликувањето на подобра иднина“.
Зад рекламата стои агенцијата Wieden + Кенеди Портланд. За трагедијата проговорија и други брендови, но спотовите на Најк се познати по нивниот директен тон и повиците за акција. Твитот со кој брендот ја претстави рекламата беше споделен повеќе од 10.000 пати и доби 19.000 лајкови во првите два часа по објавувањето.
Ова не е првпат Најк да ги покренува социјалните прашања. Во 2018 година, брендот го ангажираше контроверзниот фудбалер Колин Каперник за кампања со порака „Верувај во нешто. Дури и ако тоа значи да жртвувате сè што имате. “ Поранешниот играч на Сан Франциско клекна за време на интонирањето на националната химна како протест против полициското насилство и расната нееднаквост – акт кој подоцна го прифатија и други играчи.