Како реакција кон потресното убиство на афро-американецот Џорџ Флојд од страна на полициски службеник, кое доведе и до масовни протести против системскиот расизам и полициската бруталност во САД, магазинот Тајм ќе им оддаде почит на сите жртви на системскиот расизам преку специјална насловна страница на своето претстојно издание кое ќе излезе на 15 јуни.
Насловната страница е дело на сликарот Титус Капар и прикажува ожалостена афро-американска мајка која држи исечена силуета од нејзиното бебе. Сликата претставува директна референца кон последните зборови на Флојд кој ја повикуваше својата мајка пред да биде убиен.
„Во нејзиниот израз, ги гледам сите црни мајки кои останале невидени и беспомошни во нивниот гнев за своите деца,“ објасни уметникот Капар.
Во црвената линија која ја заокружува насловната страница на магазинот ќе бидат испишани имињата на 35 црни мажи и жени кои починале како резултат на системскиот расизам. Од Тајм истакнаа дека овие имиња се „само мал дел од многу повеќе“ кои умреле откако биле подложени на расистичко насилство.