Тимот задолжен за кампањата на реизбор на претседателот на САД Доналд Трамп сними спот во кој се прикажани двајца астронаути и лансирањето на капсулата на Спејс-Икс, кршејќи ги правилата на Американската вселенска агенција НАСА
Рекламниот спот наречен „Make Space Great Again“, кој започнува со говорот на претседателот Џон Ф. Кенеди во 1962 година, во кој се вели дека Америка ќе оди на Месечината, е објавен на Youtube и содржи слики од програмата Аполо и Спејс-Икс, како и двајцата астронаути на НАСА, Даглас Харли и Роберт Бенкен.
Видеото е отстрането од каналот Youtube и сите социјални медиуми.
НАСА генерално дозволува употреба на слики и видеа за рекламни цели, но не и на нејзините ознаки или фотографии на астронаути.
Околу 6.000 луѓе потпишале петиција на Change.org за „спречување на Трамп да ги политизира успесите на SpaceX и НАСА“.
Вселенското летало на американската компанија SpaceX со двајцата астронаути на НАСА пристигна пред пет дена на Меѓународната вселенска станица, а лансирањето од космодромот Кејп Канаверал го следеа претседателот и потпретседателот на САД, Доналд Трамп и Мајк Пенс.