Технолошкиот гигант Google соопшти дека ќе ги измени своите правила за огласување со цел да ги спречи огласувачите од сферите на домувањето, вработувањето и кредитните картички, да таргетираат реклами врз основа на пол, возраст, родителски статус, брачен статус и поштенски број, како надополнување на досегашната забрана за таргетирање според раса, религија и сексуална определба.
Од Google посочуваат дека планираат да ги имплементираат овие измени во САД и Канада „колку што е можно побрзо“, поставувајќи го крајот на годината како краен рок.
Ваквите измени се случуваат една година откако американското Министерство за домување и урбано планирање го тужеше Facebook поради дискриминаторно уредување на огласите за домување врз податоци собрани од корисниците, а ги истражуваше Google и Twitter за слични престапи.
Планираните измени на Google доаѓаат токму како резултат на соработка со Министерството за домување и урбано планирање, со цел да се усогласат рекламите за домување на Google со одредбите од Законот за превично домување.
„Ние ќе ја продолжиме нашата соработка со Министерството за домување и урбано планирање и експертите од областa на граѓанските права и домувањето, како и со пошироката адвертајзинг индустрија со цел да одговориме на загриженоста околу дискриминацијата во таргетирањето на рекламите,“ стои во соопштението на Google, додавајќи дека:„Google е посветен да соработува со поширокиот адвертајзинг екосистем со цел да помогне во поставувањето на високи стандарди во онлајн огласувањето и ќе продолжи да се стреми да имплементира правила кои ја подобруваат инклузивноста и пристапот за корисниците.“