Организациите кои ги претставуваат радиодифузерите, уредницицте и новинарите бараат од Европската Унија “посилни мерки“ во борбата против дезинформациите на интернет платформите, како Google и Facebook

Заедничкото соопштение, потпишано од Европската федерација на новинари (EFJ), Европскиот совет на уредници и Здружението на европски комерцијални телевизии (ACT), беше објевено откако во средата во Брисел беа презентирани нови мерки против дезинформациите, поттикнати од пандемијата на корона вирусот.
Потписниците изјавија дека биле вознемирени од зголемувањето на дезинформациите преку интернет за време на пандемијата, кои, како што е наведено, „имале катастрофално влијание врз напорите во јавното здравство“.
Тие веруваат дека европскиот „Кодекс на добра пракса“ потпишан од интернет платформите во 2018 година се покажа како несоодветен за справување со изворот и двигателите на дезинформации претставени преку интернет.
„Постои итна потреба да се добијат ефективни инструменти за подобра проценка и успешно решавање на проблемот“, напишаа тие во заедничката изјава, во која се вели дека Европа е премногу зависна од добрата волја на овие платформи.
Меѓу бараните мерки е и режимот на санкции што гарантира дека потписниците на кодексот на добри практики да бидат охрабрени да дејствуваат.
Овие мерки треба да ги стимулираат, а не да ги казнуваат медиумите, односно да обезбедат основни слободи, новинарска слобода и слобода на уредништвото, се вели во соопштението. Тие исто така бараат дијалогот со интернет платформите да се води на поструктуриран начин.
Минатата недела ЕУ ги повика интернет-гигантите повеќе да се заложат во борбата против „огромниот бран на дезинформации“ предизвикан од пандемијата и да објават месечен извештај за преземените мерки.
Во тие извештаи треба да се наведе природата на дезинформациите, димензиите на мрежата за која станува збор, нејзиното геополитичко потекло и целната публика, рече Вера Јурова, потпретседателка на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност.
Тој предлог се потпира на добрата волја на интернет-платформите, но според неа, во нивен интерес е да ја добијат довербата од корисниците.
За време на пандемијата, ЕУ веќе побара од интернет платформите да објавуваат информации од официјалните здравствени власти, како што е Светската здравствена организација и да ги повлечат рекламите за лажните лекови.