Владата синоќа ја донесе уредбата со законска сила за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули, согласно која изборната кампања започнува следната недела, односно на 24 јуни 2020 година и ќе заврши на 12 јули на полноќ.
Предизборната кампања трае 20 дена.
Со уредбата се регулира и начинот на кој ќе се рекламираат партиите на радиодифузерите.
Така, членот 7 од Уредбата определува дека за време на изборната кампања, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за двете најголеми партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија и за независни кандидати можат да се одвојат најмногу две минути.