Американскиот бренд за спортска облека The North Face соопшти дека ги запира сите рекламни активности на социјалната мрежа Facebook, сé додека платформата не воведе „построги правила во однос на говорот на омраза и насилните содржини кои кружат на неа.“
Иницијативата за бојкот на Facebook потекнува од граѓанската организација NAACP која се бори за унапредување на правата на луѓето од малцинските расни заедници во САД. Според NAACP, „јасно е дека Facebook и нивниот генерален извршен директор, Марк Зукерберг, повеќе не се само немарни, туку се и соучесници во ширењето на дезинформации, и покрај неповратната штета која се нанесува на нашата демократија“.
Покрај The North Face, кој е засега најголем бренд кој се одлучи да ја бојкотира огласувачката платформа на Facebook, истото ќе го направат и брендовите за спортска опрема Patagonia и REI, како и freelance-платформата Upwork. Хаштагот на иницијативата е #StopHateForProfit.
Facebook и Зукерберг во последните недели се мета на критики од повеќе граѓански организации и активисти, по одбивањето на компанијата да го цензурира американскиот претседател Доналд Трамп. Зукербег во една прилика истакна дека „компаниите не треба да бидат арбитри на вистината“, додека пак во друг случај, Facebook објави соопштение во кое посочи дека ќе го заштитува политичкиот говор дури и кога компанијата силно не согласува со него. Останува да видиме дали компанијата ќе попушти овој пат.