Најголемиот адвертајзинг фестивал во светот Cannes Lions го објави лансирањето на Classic – организирана онлајн колекција на најдобрите победнички кампањи на Cannes Lions од 1954 до 2000 година. Колекцијата Classic, реализирана во партнерство со Facebook, ќе биде достапна преку платформата The Work.
Заедно со колекцијата е објавен и специјален документарен филм достапен преку LIONS Live – новото дигитално искуство од Cannes Lions. Филмот овозможува кинематографски поглед на креативната историја на победничките кампањи и 66-годишното наследство на фестивалот, проследено со коментар од познати имиња на индустријата како Ари Вајс од DDB, Жан Лин од Isobar и Прасон Јоши од McCann.
Макотрпната реставрација и дигитализација на оригиналните снимки од колекцијата е остварена во соработка со Cinelab. Колекцијата веќе содржи преку 900 реставрирани снимки, но Cannes Lions упати отворена покана до креативната заедница за нејзино дополнително збогатување. Повеќе детали за испраќањето на оригинални снимки може да се најде на специјализираната страница Donate Work. Само најдобрите победнички кампањи од минатиот век може да бидат предложени да станат дел од оваа специјална колекција.
Со цел да се внесе класичното во современото, LIONS Live го лансираше и онлајн натпреварот Recreate Classic for 2020. Учесниците треба да изберат некоја од класичните победнички кампањи на Cannes Lions и да ја адаптираат за социјалната мрежа Instagram на еден итар и современ начин. Без разлика дали се работи за модерна пародија или носталгична почит, натпреварот на учесниците им овозможува креативна слобода за реинтерпретација на оригиналните кампањи преку употребата на видео, илустрации, слики и текст.
Адаптираните кампањи треба да бидат пријавени во формат на „Приказна“ т.е. Story (1080 x 1920). Пријавувањето може да се направи директно на Instagram преку прикачување на адаптираната кампања (заедно со тагирање на @Cannes_Lions и употреба на хаштагот #CannesClassicChallenge) или преку нејзино испраќање на електронската пошта: classicchallenge@canneslions.com.
Пријавените адаптации ќе бидат објавени преку LIONS Live, а низ текот на месеците јули и август ќе бидат промовирани на Facebook и Instagram. Најдобрите адаптирани кампањи ќе добијат целосна промоција на Instagram, така што креативците кои стојат позади нив ќе добијат привремена контрола врз приказните на официјалниот профил на Cannes Lions и директно ќе можат да дискутираат со публиката и да одговараат на поставени прашања.
„Нашата заедница е со право фокусирана кон иднината, кон она што доаѓа следно. Но, колекцијата Classic нуди можност за осврт врз нашата споделена креативна историја и влечење на инспирација од деловната креативност на минатото. Вие сте добредојдени да ни се придужите во ова патување за да ја комплетираме оваа прослава на иконичната креативност преку пријавување на вашите дела,“ се истакнува во поканата на Филип Томас, претседател на Cannes Lions.