АВАЈА- генерација која што поставува нови стандарди
Граѓанското движење АВАЈА се грижи за постигнување промени во животот на ромската заедница, но и генерално во Македонија. За тоа како функционира и што претставува АВАЈА, зборуваме со Усеин во тек на парламентарните избори 2020 година и нивните анализи и очекувања
- Зошто АВАЈА и што претставува оваа граѓанска иницијатива ?
АВАЈА, што на ромски јазик значи Доаѓаме, е граѓанска иницијатива составена од претставници на неколку клучни организации и здруженија: Ромаверзитас, Романо Авази и Ромалитико. Ромаверзитас е дел од ова граѓанско движење затоа што увидовме дека најдобар начин да ги постигнеме промените е токму преку организирано и конзистентно делување за време на три клучни периоди: период пред избори (се поставуваат посакуваните стандарди и цели, преку дијалог и консултации со заедницата за нејзините приоритети), за време на избори или додека трае кампањата (се интензивира процесот на застапување и дијалог со потенцијалните носители на функции и избрани преставници за да се добијат што е можно повеќе јавни заложби во однос на приоритетите на заедницата) и период по избори (се следи, комуницира и мониторира секоја јавна заложба дадена од страна на кандидатите и правење притисок при нејзино неисполнување). Веруваме дека со оваа наша визија, со јасни цели и делување може да регрутираме значајна поддршка од сите наши граѓани и членови кои се борат за социјална правда.
Сите сме родени со идеали и соништа, и нашите достигнувања во животот не зависат од нашата моментална општествена позиција, туку од верувањето во нашите луѓе и во себе, колку може да му дадеме на ова наше заедничко општество. Корона вирусот предизвика една нова криза од невидени рамки, но и ни даде патоказ за нови вредности и идеали во животот. И кризата различно влијание врз нашиот народ. Некој нема ниту пристап до вода, основна инфраструктурна мрежа, додека напредокот во образованието е доведено во прашање поради дигиталната писменост. Посакувам да заврши целата криза на еден поинаков начин за сите нас и потоа сите заедно да имаме прилика да ги комуницираме научените лекции и вредности.
- Како Ромаверзитас придонесува во АВАЈА?
Националните лидери во иницијативата најчесто велат Ромаверзитас – едуцира и гради кадар, Ромалитико прави evidence base и истражува, додека Романо Авази – ја регрутира и организира заедницата. Тоа е она за што се специјализираме и затоа, здружени сме уште појаки и посилни во нашите заложби.
Ние мора да создадеме ново лидерство кои ги што е спремно да се носи со новите предизвици и генерации кои ги предводат промените. Досега во рамките на Ромаверзитас се фокусиравме на давање сервиси на студентите, отсега па натаму главен фокус ќе се даде на студентското организирање и креирање на Алумни генерации кое што ќе делува преку Аваја во создавањето на клучна критична маса. Студентите и студентската унија се главните носители на сите клучни промени во општество.
Со други зборови создаваме кауза и лица спремни да носат одлуки во корист на својот народ. Овие генерации коишто поставуваат нови стандарди не служат на некого или не се во нечија функција, туку носат одлуки во корист на својот народ. Тоа се наши кадри кои имаат школо и пракса, искуство и храброст да предизвикаат промени во животот на ромската заедница.
Ние ја застапуваме и промовираме и Програмата подготвена во рамките на АВАЈА, која веќе е упатена до сите политички партии и кандидати кои што учествуваат на парламентарните избори. Посебно сме фокусирани на образованието и вработувањето, особено за воведување задолжителен час по ромски јазик во основните училишта и вработување наставници Роми во општините каде што живее ромско население.
- Како оди текот на кампањата во овие услови на криза ?
Како дел од Ромаверзитас, за прв пат сум, вклучен во кампањата како студентски координатор. Ромаверзитас имаше добро искуство и во претходната кампања за претседателските избори и засега и во новата кампања на Парламентарните избори, поставените цели и активности се реализираат. Лично сметам дека нема подобро искуство од тоа да водиш или да бидеш дел од конкретна кампања, затоа што се она што го учиш во теорија на некој начин треба да го споиш со нашата пракса.
Не знам поинаков начин како студентите и алумните да стекнат подобра пракса, активизам, заедничко искуство, доверба и професионален развој од овој кампањски пристап што АВАЈА ја прави уникатна. Времето ќе покаже дека многу други имаат уште многу да научат од она што го правиме. Јас во оваа прилика посебно ќе им се заблагодарам на националните лидери во Аваја, тим лидерите од 17-те локалитети кои несебично целиот овој период се со нас и на студентите и студентската унија на Ромаверзитас која што со своите активности придонесува оваа наша кампања да добие се поголем интензитет и значење.
Ромаверзитас и јас како студентски координатор, јавно ја застапуваме програмата на АВАЈА за да биде прифатена и отсликана во политичките програми на идните парламентарни преставници. Со еден збор, сакаме нашиот глас да го дадеме одговорно за оние кои што ја реализираат оваа програма и кои што работат за народот и нашето заедничко општество.
За разлика од сите останати сакаме да ја направиме разликата помеѓу оние кои што работат за свои интереси наспроти оние кои што работат за народот и што е најважно, за оние кои што овозможуваат Младите и новите генерации да ги поставуваат новите стандарди.
- Кои се научените лекции и Вашата порака ?
Како што кажав, очекувам оваа криза предизвикана од Ковид да помине со што е можно помалку последици и потоа сите овие научени лекции да ги споделиме со јавноста. Во Ромаверзитас ќе мора да продолжиме со пристапот и навистина да го применуваме тоа мото – Еден кој сака ќе направи повеќе од илјада кои мораат. Јас сум сигурен дека еден млад човек, студент активист којшто, кога знае дека правдата е на негова страна се охрабрува иако е општо познато дека генерално луѓето не и се воодушевуваат толку на вистината колку што и се восхитуваат на храброста. Велат кога би ни се дало да бираме помеѓу повеќе опции на проектирани иднини, секој би ја одбрал онаа која што во моментот не бара ништо од нас да превземеме. Храброста да се соочиме со вистината е она што нас како млади луѓе и генерација во АВАЈА и во Ромаверзитас не поткинува да поставуваме нови стандарди. Тоа го покажавме и во рамки на оваа светска криза предвизикана од Ковид 19 и ќе го покажеме и во рамки и на оваа кампања – “Мојот глас, твоја должност“ или “Mo avazi ti obligacia“.