Маркетинг активностите на политичките партии за предвремените парламентарни избори во Македонија кои се закажани за 15 јули, денеска го имаат својот 7-ми ден од официјалниот старт на кампањата (24 јуни), иако сведоци бевме дека повеќето од партиите имаа и “неофицијален старт” од претходно кога горе-долу беа комуницирани истите пораки, но без број и слоган.
Од досегашната официјална “понуда” генералниот заклучок е дека партиите не ни приредија многу изненадувања и воглавно се движат по патеките кои беа лесни да се претпостават.
На овие избори настапуваат вкупно 15 партии, а во овој текст ќе се осврнеме на слоганите и пристапите на оние кои се најактивни или најинтересни засега. Доколку некоја друга партија приреди позитивно изненадување, секако дека ќе ја додадеме дополнително.
- СДСМ – “МОЖЕМЕ – уште повеќе, уште подобро”
СДСМ овие избори ги води под слоганот “МОЖЕМЕ – уште повеќе, уште подобро”, кој делува како логично продолжение на партискиот слоган “НА ПРАВ ПАТ“ кој беше исфрлен пред неколку месеци. Брендингот е со “новите” црвено-бели бои кои за прв пат партијата ги “прифати” на минатите избори со кампањата “Живот во Македонија” и го следат ребрендингот кој порано познатите “плави” сега ги прави “црвени”. Кампањата ја стартуваа со видео спот кој е од видот “компаративен адвертајзинг” и треба да ни направи споредба на минатото (алудирајќи на годините кога ВМРО-ДПМНЕ биле на власт) и сегашноста (периодот откако СДСМ се на власт). Продукциски добро осмислен. Паралелно со него стартуваа и тв спотови и креативи со афирмативни пораки по повеќе канали и прилагодени формати. Имаа добар real-time одговор на спотот со кој стартуваше ВМРО-ДПМНЕ.
Од ова што досега имаме прилика да го видиме, главната пораката во оваа кампања на СДСМ ќе биде да се анимираат неопределените гласачи да излезат во што поголем број “за да не се врати ВМРО”. Слоганот треба да делува истовремено мотивациски и искрено, можеби благо признавајќи дека не било “доволно направено” досега (“…уште повеќе”), но и да покаже спремност за нови реформи и проекти. Вредно е да се напомене дека ова веројатно е најинклузивната кампања досега, имајќи во предвид дека истата паралелно се одвива на македонски и албански јазик, а тоа несомнено е во линија со концептот “Едно општество” во кој СДСМ сака се позиционира, потврдувајќи го со предизборната коалиција со БЕСА и афирмирањето на свои членови од повеќе различни етнички заедници.
2. ВМРО-ДПМНЕ – “Исправи се Македонијо”
ВМРО-ДПМНЕ кампањата за Предвремените парламентарни избори ја води под слоганот “Исправи се Македонијо” како дел од концептот “Обнова на Македонија” кој беше промовиран уште пред почетокот на кампањата. Брендингот под кој се објавуваат креативите ги содржи препознатливите бои за партијата црвена, црна и жолта накај портокалова, со пристап кој треба да асоцира на нешто ново и модерно.
Првите неколку спотови кои ВМРО-ДПМНЕ ги објави беа од типот “негативен адвертајзинг” со кој се напаѓа владеењето на политичките ривали СДСМ, што се во склад со нивната генерална порака на кампањата досега дека “СДСМ прават штета на државата – и потребна е промена”. Од вчера поагилно се забележуваат и пораки од типот “афирмативен адвертајзинг и био адвертајзинг”. Видео спотовите кои беа објавени досега предизвикаа гласни реакции на социјалните мрежи заради нивната содржина и приказ на “штетата од СДСМ” како и заради користениот стил на иронија. Дали со овој пристап ВМРО-ДПМНЕ сака да ги демотивира неопределените да излезат на гласање, за партијата да бенифицира од масовноста на нивното традиционално подисциплинирано гласачко тело, останува да видиме. За очекување е дека ВМРО-ДПМНЕ би пласирале и комуникација со “мобилизирачки” пораки и “патриотски елементи” при крајот на кампањата заради мобилизација на своето традиционално гласачко тело.
3. Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) – “Граѓанинот против мафијата”
Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) која за прв пат годинава учествува на парламентарни избори, настапува со впечатливиот слоган “Граѓанинот против мафијата” јасно покажувајќи ја својата тенденција дека сакаат да се спротивстават на сите досегашни партиско-судски-криминални спреги, комуницирајќи јасен антагонизам помеѓу Граѓаните и Мафијата.
Брендингот е модерен и свеж, со користење на бела, сина и портокалова боја која дефинитивно ги одвојува од 90% од партиите кои на овие избори ја избраа црвената за своја основа и препознатлив либертаријански симбол – ЕЖ, кој според партијата има задача да се справи со змиите на политичката сцена и беше искористен за воведот во камањата, кога со него беа “дупнати” надуелни балони брендирани со логоа на нивните политички опоненти. Главната порака на кампањата на партијата е целосен ресет на системот кој во центарот мора да го стави граѓанинот, а не како досега политичкиот естаблишмент, а теми на кои досега најмногу посветуваат внимание се образованието и здравството. Од досегашните креативи можат да се забележат неколку типови на адвертајзинг од кои доминираат “Афирмативен” и “Компаративен”.
4. Левица – Државата за народот
Левица на овие парламентарни избори настапува под слоганот “Државата за народот”, користејќи препознатливи левичарски бои и симболи, логично земајќи ја црвената боја за основна. Генералната порака на кампањата досега е “Време е да си ја вратиме државата назад” алудирајќи на тоа дека политичките опоненти делувале во насока на отуѓување на државата од народот.
Досега објавените креативи генерално се од типот “Афирмативен адвертајзинг”, и промовираат ставови, мерки и реформи кои партијата ги нуди на гласачите. Партијата на самиот официјален старт на кампањата промовираше и продукциски многу солиден партиски спот кој изгледа како мини-филм (трае 3 минути и 25 секунди) и каде приказната се одвива паралелно со нарација на еден од лидерите на партијата, кој прави преглед на тоа каква држава бевме, станавме и треба да бидеме.
ОСТАНАТИ
Интегра
Партијата Интегра од самиот почеток на кампањата има силно присуство во јавноста, посебно на ТВ преку нивниот лидер и на овие избори настапува со слоганот “Аманет за Македонија”. Тие на самиот почеток на кампањата (а и пред тоа) беа активни со повеќе видео содржини со кои се претставуваше самата партија, партискиот лидер или се промовираа некои клучни проекти. Впечатокот за она што го гледаме на медиумите досега е дека наеднаш исфрлија многу видео содржини со кои се направи своевиден бум (што поради содржината на видеата, што поради стилот на изразување), но и шум… па, отсуствува делот на стратегиска комуникација на клучната порака и темпирање на динамиката на комуникацијата. Внимателно ќе следиме како нивната комуникација ќе се одвива до крајот на кампањата.
Македонски Концепт
Платформата “Македонски Концепт” која на изборите настапува преку партијата СДУ, во својата предизборна комуникација вклучува микс од анимирани видеа и вобичаени “био” и “афирмативни” видеа. Има неколку ударни слогани, веројатно официјален е “Спокој, Слобода, Солидарност”, заедно со “За Нормална држава” кој се налепува на тизерот кој беше активен пред кампањата “Можеме ли нормално”. Пристапот со анимираните видеа е интересен и продукциски солиден и веројатно ќе беше попаметно доколку се продолжеше само со него бидејќи ќе дадеше препознатлив идентитет. Вака впечатокот е дека нема јасна координиранот меѓу различните пораки и слогани што се испраќаат, што доведува до тоа да гласачите не знаат точно “Зошто?” треба тие да бидат нивен избор. Можеби имаат “скриени адути” во кампањата со кои ќе пробаат да се изборат за поголемо внимание, па внимателно ќе следиме како ќе ја развиваат комуникацијата.
Други “тркачи” на овие избори кои добиваат определено внимание во медиумите се и партијата Глас за Македонија кои одат со слоганот “Силата кај народот” и партијата Единствена Македонија со слоганот “Никогаш северна само Македонија”. Во нивната комуникација досега доминираа национални теми и т.н. патриотски пароли. Генерален заклучок за двете партии е дека им недостасува професионална продукција и ПР поддршка која би им помогнала подобро да ги “спакуваат” пораките и таргетирано да ги објавуваат насочкувајќи ги кон определени сегменти од гласачите.
Дефинитивно, нерамномерната распределба на минутажи за адвертајзинг и средства за учество во парламентарните избори, прават своевидна селекција меѓу партиите и го ограничуваат резултатот на условно кажано “помалите” политички партии. Ова е решение кое никако не оди во прилог на збогатување на плурализмот на политичката сцена. Дополнително и дебатните емисии на телевизиите за жал прават селекција на учесниците според нивната перцепција за нив и не овозможуваат да видиме ТВ дуели меѓу претставници на т.н. поголеми и помали партии, што дефинитивно би било далеку поинтересно за гледање.
За “помаргинализираните” политички партии ова ќе бидат тешки битки, најпрво за внимание меѓу гледачите, а следствено на тоа и за гласови, па тие мора да бидат натпросечно иновативни и креативни за да направат потези што нема да можат да бидат игнорирани од пошироката јавност и така да успеат да привлечат повеќе гласови на своето конто. Тие што во своите кампањи вклучуваат професионална поддршка од комуникациски и ПР специјалисти, веќе забележително се издвојуваат од другите и поминуваат како брз воз покрај оние што одбрале самостојно да ги водат кампањите и тоа секако и квантитативно ќе биде изразено по завршувањето на изборниот ден.
Партии што се обраќаат само кон граѓаните од албанска етничка заедница
Кај политичките партии што првенствено им се обраќаат на граѓаните од албанската етничка заедница, бомбастичен ПР потег е кампањата на ДУИ, кои соочени со конкуренти кои се спремаа да се натпреваруваат со предлози за проекти, стратегии,планови и критики за долгото владеење – им исфрлија кампања со тврда националистичка реторика и предлог за Премиер не по компетенции, туку по етничка определба. Ова им даде предност во наративите кои доминираа на почетокот од предизборната кампања – која немаа да ја имаат доколку требаше да водат кампања во која ќе се “бранат” за своето владеење и ќе се натпреваруваат со проекти и идеи.
Најголемиот нивен опонент Алијанса за Албанците, иако првично затечен од овој потег на ДУИ, многу брзо се врати на својата зацртана патека и успеа за кратко време да ја лансира својата веројатно планирана кампања, во која покрај нападите кон главниот опонент ќе комуницираат и афирмативни елементи во кои ќе промовираат и проекти како и нови лидери на јавна сцена, покажувајќи јасен колоритет во понудата што за прв пат ќе и даде можност сериозно да ја предизвика понудата на ДУИ.
И борбата за овој корпус на гласачи ќе биде исклучително тензична и израмнета, така што крајниот резултат ќе зависи веројатно од моментите со кои ќе се мобилизираат сопствените гласачки машинерии и мотивацијата на неопределените кои првенствено планирале да не учествуваат на овие избори.
Автор: Борис Ефтимовски