После три месеци карантин, пабовите во Британија повторно се отвараат и Британците конечно ќе можат да се вратат на уживањето во една од своите омилени активности (секако придржувајќи се до мерките за безбедност и заштита).
Со цел да го одбележи овој важен момент за британската култура, пивскиот бренд Carlsberg лансираше нова кампања насловена „Добредојдовте назад во пабот“ (“Welcome back to the pub”), која на еден позитивен и забавен начин го слави повторното отворање на пабовите и обединувањето на пивските дружини.
Носечката реклама на кампањата е хумористична пародија на филмовите за бегство, следејќи три пријатели како бегаат од досадата на домот со цел да се сретнат во отворена пивска градина и заедно да уживаат во чаша Carlsberg.
Покрај спотот кој ќе се емитува на телевизија, кампањата вклучува и активности на социјалните медиуми, outdoor и принт реклами. Carlsberg склучи и партнерство со порталот LadBible со цел промоција на локалните пабови и дигиталната платформа Love My Local.
Кампањата е дело на креативната агенција Fold7, додека пак медискиот закуп е задача на агенцијата Initiative.