Кинеската социјална мрежа TikTok доживеа вистински бум во изминатата година, прераснувајќи во една од најпопуларните социјални мрежи меѓу Генерацијата Z. Но, поради испреплетеноста на кинеските компании со кинеските власти, дел од државите во светот изразуваат сериозна загриженост во однос на безбедноста на корисничките податоци на своите граѓани кои ја користат кинеската апликација.
Минатата недела, Индија официјално го забрани TikTok заедно со уште 58 други кинески апликации. По забраната на TikTok, Instagram забележа голем раст на индиските корисници.
Пред два дена и американскиот државен секретар Мајк Помпео во гостување на Fox News најави дека заедно со претседателот Доналд Трамп ја разгледувале можноста да го забранат TikTok и уште неколку кинески апликации. Помпео додаде дека Американците треба да ја симнуваат апликацијата само доколку сакаат нивните лични податоци да се најдат во рацете на Кинеската комунистичка партија.
Во меѓувреме пак, TikTok лансираше нова платформа за огласување наменета за малите бизниси. Новата платформа ќе им овозможи на компаниите да купуваат рекламен простор преку „самоуслужување“, без да мораат да го договараат и реализираат тоа купување преку тимот за продажби на TikTok како што беше досега.