Група на британски модни инфлуенсери го основаа првиот синдикат, како одговор на разните лоши практики, како што се дискриминација на разни нивоа и нееднаквост во плаќањето
Покрај цените, новиот синдикат на инфлуенсери „The Creator Union“ во Велика Британија, ќе ги регулира и формалните договори, мерките на осигурување, објавувањето на содржини и ќе ги намали бројните други дискриминаторски практики.
Сличен чекор презедоа и американските колеги кои го основаа „Influencer Council“, кој всушност не е синдикат, туку непрофитна трговска организација која беше основана во јуни од страна на Кјана Смит Брунето со 12 нејзини колеги.
Иако некои инфлуенсери имаат заштита и подобро развиен бизнис, синдикатите треба да се погрижат секој да има иста позиција и можности за заштита на пазарот, со цел правично да бидат платени.
Со формирањето на синдикат, инфлуенсерите ја поттикнуваат транспарентноста и отстранувањето на експлоатациските практики на некои брендови, концепт кој е се` повеќе присутен.
„Честопати, дури и познатите брендови не нудат договори, диктираат хонорари, а на крајот не плаќаат на време“, вели Никол Окран, инфлуенсерка и ко-основач на британскиот синдикат „The Creator Union“.
„Сакаме да поставиме стандарди за идните генерации на инфлуенсери“, истакна Британи Хавиер, инфлуенсерка и потпретседателка на американскиот „Influencer Council“.