Брендот за брза храна Burger King соопшти дека работи во насока на решавање на еден од основните проблеми на индустријата – еколошкото влијание на говедското месо. Според соопштените информации, добитокот е виновен за 14.5% од глобалните емисии на стакленички гасови. Кравите ослободуваат метан, стакленички гас што ја заробува сончевата топлина и ја загрева планетата како нуспроизвод на нивното варење на храната.
Со цел да придонесе кон решавањето на овој еколошки проблем, Burger King се здружи со врвни научници за да развијат и тестираат нова програма за исхрана за своите крави, која според иницијалните резултати, во просек намалува до 33% од дневните емисии на метан од страна на кравите во текот на последните 3 – 4 месеци од нивниот живот.
Од брендот истакнуваат дека тие сами не можат да го решат овој предизвик и ги повикуваат снабдувачите, фармерите и другите прехрамбени брендови да се вклучат во акцијата. Повеќе детали за иницијативата можат да се најдат на следниот линк.
Со цел да го привлече вниманието на јавноста за овој проблем, во неколку избрани ресторани во САД, Burger King ќе започне да го нуди “Reduced Methane Emissions Beef Whopper” – хамбургер направен од месото на крави кои биле подложени на новата диета за намалување на емисијата на метан.
Заедно со лансирањето на новиот хамбургер, брендот објави и музички видео спот на детска кантри песна во која се објаснува проблемот со глобалните емисии на метан. Спотот е создаден со помош на агенцијата We Believers од Њујорк. Сепак, мора да се напомене, најблаго речено, дека спотот не наиде на големи пофалби од јавноста.