Заканите за забрана на кинеската социјална мрежа TikTok во Соединетите Американски Држави се сé погласни. Со цел да се избегне таквата судбина, неколку американски инвеститори се обидуваат да ја откупат платформата од нејзината матична кинеска компанија ByteDance, пренесува Фејненшал Тајмс.
Како најзаинтересирани инвеститорски компании се споменуваат имињата на General Atlantic и Sequoia Capital, иако интерес покажале и други технолошки компании од Њујорк и Силициумската долина во Калифорнија.
Компаниите наводно имале и разговори со американското Министерство за финансии и други регулаторни тела, за тоа дали аквицизијата на TikTok би ја задоволила загриженоста на американските власти во однос на безбедноста на апликацијата.
Според предложениот договор, американските компании би станале мнозински сопственици на апликацијата, а кинеската ByteDance би задржала само мал дел од акциите, и тоа без право на глас.
Сите вклучени страни одбиле официјално да коментираат во однос на изнесените шпекулации.