Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објави резултатите од минатогодишната анкета спроведена на македонските гранични премини за тоа како странските посетители ги оценуваат нашите туристички услуги и понуди.
Најголем број од посетителите минатата година, односно 44.4%, поминале низ нашата држава само во транзит, 36% од нив оствариле повеќедневен престој, а 19.6% се задржале само на еднодневни излети. Најчести посетители на нашта држава се лицата на возраст помеѓу 36 и 42 години, а потоа лицата на возраст помеѓу 43 и 50 години.
Туристичките услуги и понуди на Македонија добиле просечна оценка од 4.16 од максимални 5 поени. Најдобро оценето е однесувањето на луѓето, односно гостопримството со 4.53 поени, како и археолошките и историските ресурси и локалитети со 4,51 поени.
По нив следуваат природната средина (4,41), рестораните (4,37), аеродромските услуги (4,32), забавата и ноќниот живот (4,25), безбедноста и здравствените услуги (4,19). Странските посетители се најмалку задоволни од хигиената на јавните места (3.71) и патната мрежа (3.64).
Странските посетители во државата потрошиле најмногу пари за категориите “забава, рекреација, здравство и слично”, како и “храна и пијалоци”. По нив следуваат кетегориите “производи во трговската мрежа”, “гориво и патарини” и “услуги за сместување”.
Најмногу од посетителите кои престојувале во државата ноќевале во хотелите со четири ѕвезди, како и во приватните, некатегоризирани објекти за сместување.
Целосната публикација на Државниот завод за статистика со резултатите од спроведената анкета може да се превземе на следниот линк.