Туристичкото биро на Нов Зеланд се одлучи за еден поинаков пристап во промоцијата на туристичките понуди на државата, угледувајќи се на видео игрите и гејминг заедницата.
Имено, со помош на агенциите TBWA\Sydney и Eleven Sydney, туристичкото биро на Нов Зеланд лансираше кампања во која државата е претставена во стил на видео-игра, во која главниот јунак ја истражува околината на Роторуа на северниот новозеландски остров. Притоа, јунакот, кој всушност претставува аватар на гледачите во прво лице, учествува во различни активности како возење велосипед, кајакарење и запознавање со локалците.
Видео-презентацијата на „играта“ беше објавена на Twitch, најпопуларната видео-платформа која ја користи гејминг заедницата, како и на YouTube. „Водич“ низ играта е популарната гејминг-инфлуенсерка Loserfruit.
„Препознаваме дека постои растечки број на луѓе кои посакуваат нови искуства, истражување и пред сé – забава и авантура. Можеби не би помислиле на тоа, но играњето видео-игри и патувањето одат рака под рака – и двете активности се насочени кон истражување, фасцинација и авантура,“ посочи генералниот менаџер на туристичкото биро на Нов Зеланд, Ендру Вадел.