Апликацијата за пораки WhatsApp воведува нова опција со која корисниците ќе можат да направат “fact-checking” на повеќекратно проследените пораки кои ги добиваат.
Имено, доколку некој контакт на корисникот му испрати порака која претходно била проследена во повеќе наврати, корисникот ќе забележи икона на лупа веднаш до таа порака. Преку кликањето на иконата, препратената информација ќе биде пребарана на Google со цел на корисникот да му бидат предочени повеќе извори во однос на содржината која ја примиле.
Од WhatsApp уверуваат дека услугата функционира така што пораката директно се прикачува до пребарувачот без притоа апликацијата да има увид во самата порака или разговорот, сé со цел да се задржи приватниот карактер на комуникацијата.
Опцијата првично ќе биде достапна во Бразил, Италија, Ирска, Мексико, Шпанија, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави, заедно со новата верзија на апликацијата достапна за Android, iOS и WhatsApp Web.