Принцот Хари изјави дека социјалните мрежи поттикнуваат „криза на омраза“ и ги повика компаниите да размислат за нивната улога во рекламирањето на дигиталните платформи.
Во написот објавен во американскиот бизнис магазин Fast Company, насловен како „Социјалните медиуми нè раздвојуваат, заедно можеме да ги преобликуваме“, Хари тврди дека ситуацијата, во моментот, не е добра.
Во текот на изминатите неколку недели, Хари и Меган, заедно со директори на големи компании и експерти за маркетинг, работеа на тоа прашање и се обидуваа да донесат промени.
„Дигиталниот свет не е добар, а компаниите како вашите имаат шанса да размислат за својата улога во финансирање и поддршка на онлајн платформи кои придонесуваат за криза на омразата, криза на здравјето и криза на вистината во светот“, велат Хари и Меган.
Тие ги повикаа онлајн заедниците да бидат водени од сочувство, а не од омраза, од вистина наместо дезинформации, еднаквост и вклученост наместо неправда и страв, слобода на говор наместо говор на омраза.
Хари и Меган ја започнаа својата кампања за реформи во социјалните мрежи во јуни, во исто време со започнувањето на проектот “Стоп на омразата заради профит“ (Stop Hate for Profit).
Кампањата беше покрената од неколку непрофитни организации со цел да ги охрабрат компаниите да престанат со рекламирање на Фејсбук чиј шеф, Марк Цукерберг, се спротивставува на конкретно решавање на говорот на омраза на оваа платформа.
Повеќе од илјада компании се приклучија на кампањата “Stop Hate for Profit“ и преку повлечени реклами испратија порака вредна седум милијарди долари.
Хари вели дека додека луѓето уживаат во лајковите што ги добиваат на „Фејсбук“, „Твитер“ и „Инстаграм“, овие платформи ги сметаат за слободен пристап до забава, но тоа во никој случај не е бесплатно, како што изгледа, затоа што цената што на крај се плаќа е доста висока.
„Секој пат кога ќе кликнете, тие ќе научат нешто ново за вас. Нашите информации, приватни податоци и навики се разменуваат за рекламен простор и долари“, вели Хари.
„Цената што сите заедно ја плаќаме е многу поголема отколку што изгледа. И додека во нормални околности сме купувачи кои го купуваат производот, во дигиталниот свет кој постојано се менува, всушност, ние сме производот “.
Хари ги повика платформите на социјалните медиуми да преземат одговорност и да постават нови стандарди за говор на омраза и поактивно да работат со корисниците наместо компаниите кои купуваат рекламен простор, со цел да се создаде сигурно опкружување каде никој не заработува за дезинформации и омраза.
„Компаниите што купуваат онлајн огласен простор треба да сфатат дека дигиталниот свет и тоа како влијае на реалниот свет, на нашето колективно здравје, на нашата демократија, на начинот на кој размислуваме и соработуваме со другите и како ги процесуираме и веруваме во информациите“, вели Хари.
„Ако присилно сме подложни во дигиталните простори, тогаш треба да се запрашаме што значи ова за нашите деца? Како татко, ова е особено важно за мене“, рече Хари, додавајќи дека не треба само компаниите да работат, туку и корисниците и потрошувачите, кои треба да бидат поангажирани, како и самите дигитални платформи.
Хари исто така вели дека не е случајно што зголемувањето на користењето на социјалните мрежи одговара на растечките поделби во општеството.
„Алгоритмите и алатките што ги користат социјалните мрежи можат да ги доведат луѓето до радикализам и екстремизам кои во други услови, не би го превзеле“, рече Хари, додавајќи дека среде пандемија, луѓето се потпираат на алгоритмички водени информации како средство за разликување на вистината од фикцијата.
„Може да се каже дека пристапот до точни информации е поважен сега од кога било досега. Како и да е, местата што овозможуваат ширење на дезинформации ги креваат своите раце кога ќе бидат замолени да преземат одговорност и да пронајдат решенија “.
На крајот, Хари рече дека ние немаме луксуз на време и таа промена мора да дојде веднаш.