(24.08.2020) – Фејсбук соопшти дека генералниот маркетинг директор на компанијата, Антонио Лусио, повеќе нема да ја извршува функцијата, почнувајќи од 18 сепптември.
Во соопштението на Фејсбук беше наведена и изјава од Лусио, кој во однос на своето заминување истакнува дека решил да посвети 100% од своето време на промовирањето на различностите, инклузивноста и еднаквоста.
Антонио Лусио се приклучи на Фејсбук во 2018 година, а претходно работел како генерален маркетинг и комуникациски директор во HP. Неговото време како раководител на одделот за маркетинг на Фејсбук беше одбележано со значаен пораст во трошоците за огласување на компанијата, во обид да ја врати довербата кај корисниците по сé погласните критики насочени кон Фејсбук во однос на својата политика за приватност и наводното неуспешно справување со дезинформациите и говорот на омраза на своите платформи.
Како маркетинг директор, Лусио беше одговорен за ребрендирањето на останатите социјални платформи на компанијата, како што се Инстаграм и WhatsApp, доближувајќи ги поблиску до матичниот бренд на Фејсбук.