(24.08.2020) – Кинеската социјална платформа ТикТок официјално соопшти дека ќе ја тужи американската влада поради извршната наредба на претседателот Доналд Трамп за забрана на секакви трансакции помеѓу ТикТок и американските компании, освен доколку се работи за купување на ТикТок од страна на некоја американска компанија.
„Со цел да осигураме дека владеењето на правото не е напуштено и дека нашата компанија и корисници се третирани правично, ние немаме друг избор освен да ја оспориме извршната наредба преку судскиот систем,“ истакнуваат од ТикТик.
Извршната наредба за забрана на ТикТок доаѓа после низа обвинувања насочени кон социјалната платформа за наводно неовластено собирање на кориснички податоци и „шпионажа“ врз американските граѓани.
Матичната кинеска компанија БајтДенс, која е сопственик на ТикТок, има рок до 12 ноември за да ја продаде платформата на некоја американска компанија. Овој рок оригинално беше поставен до 15 септември, но неодамна беше продолжен од страна на претседателот Трамп со анекс кон првичната извршна наредба.
Мајкрософт и Оракл засега се двете најголеми компании кои покажаа официјален интерес за купувањето на ТикТок.