(25.08.2020) – Брендот за спортска опрема Nike објави нова реклама со која му оддава почит на легендарниот кошаркар Коби Брајант, кој заедно со неговата ќерка и уште седум луѓе загинаа во хеликоптерска несреќа на почетокот од годината. Рекламата е објавена по повод денот кога Коби би наполнил 42 години.
Спотот е насловен „Better“ („Подобри“) и се фокусира на континуираниот стремеж на Брајант да се надградува себе и да биде подобар кошаркар и човек. Рекламата претставува монтажа од снимки од Брајант низ неговата кариера, заедно со снимки од други луѓе (пред се’ спортисти) кои постојано се трудат да станат подобри во она што го прават. Наратор во рекламата е раперот Кендрик Ламар.
Според Најк, Брајант го опишувал својот менталитет како „константен стремеж да се биде подобар денес од вчера“. „Рекламата ја прославува универзалната релевантност на прогресот и ја нагласува плодната желба на Коби за подобрување,“ посочуваат од Nike.
Креативната агенција која стои позади рекламата е Wieden & Kennedy Portland.