(26.08.2020) – Меѓународниот параолимписки комитет ја објави својата прва реклама остварена во соработка со агенцијата Adam & Eve/DDB. Кампањата има за цел да го насочи вниманието на јавноста кон параолимписките спортисти и покрај одложувањето на Параолимпијадата во Токио за 2021 година.
Рекламата ја претставува параолимписката трка на 100 метри од перспективата на Дејвид Браун, најбрзиот слеп спринтер во светот, кој во 2014 година стана првиот параолимписки тркач кој истрча 100 метри за помалку од 11 секунди.
Рекламата е скоро целосно црна, но богата со звучни детали во позадина, како навивањето на публиката, зборовите на коментаторот и охрабрувањата на личниот тренер и водич на Браун.
Музиката во рекламата е дело на британскиот композитор Даниел Пембертон, кој исто така е композитор за документарниот филм Rising Phoenix на Netflix, посветен на параолимпиското движење.
Рекламата има и аудио-описна верзија за лицата со оштетен вид, како и текстуално титлувана верзија за оние со оштетен слух.