(01.09.2020) – Кина воведува нови законски рестрикции во однос на технологии поврзани со вештачката интелигенција, што може да ги закомплицира плановите на кинеската компанија БајтДенс за продажба на нејзината социјална платформа ТикТок на американска компанија.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, донесе одлука според која американските компании имаат рок до ноември да го купат ТикТок, во спротивно апликацијата ќе биде забранета на американскиот пазар. За водечки „играчи“ во обидот за купување на ТикТок важат технолошките гиганти Мајкрософт и Оракл. Очекувањата на американската телевизија CNBC се дека купопродажниот договор ќе изнесува од 20 до 30 милијарди долари и треба да биде објавен наскоро.
Но, со воведувањето на новите рестрикции, кинеските власти може да се вмешаат и да ги спречат преговорите за постигнување договор. Според Вол Стрит Журнал, новите рестрикции ќе ги покриват и „компјутерските технологии и технологиите за процесирање на податоци кои вклучуваат текстуална анализа, предлози за содржини, измена на говор и препознавање на говор.“ Клучен аспект од успехот на ТикТок е нивниот алгоритам за генерирање персонализирани предлози за видео содржини.
Во текот на викендот, претставник на кинеската влада изјавил за државните медиуми дека БајтДенс треба да ги простудира новите рестрикции и „сериозно и внимателно“ да размисли за прекинување на преговорите за продажба на своите американски операции. Во соопштение за Вол Стрит Журнал, БајтДенс одговориле дека се свесни за новите правиле и дека строго ќе се придржуваат кон нив.