Технолошкиот гигант Фејсбук, кој оригинално започна како едноставна платформа за вмрежување помеѓу студентите на еден универзитетски кампус, реши да се врати кон своите корени преку лансирањето на нова социјална мрежа исклучиво наменета за студенти – Facebook Campus.
Новата мрежа ќе им овозможува на студентите поголема приватност во однос на нивните јавни Фејсбук профили. Преку неа, студентите ќе може да се поврзуваат со своите колеги-студенти, да добиваат известувања од факултетската администрација и да се информираат за сите претстојни настани на универзитетскиот кампус.
Со цел пристапување на новата платформа, студените ќе мора да се регистрираат со активна факултетска електронска пошта (@.edu), како и да наведат година на апсолвирање, која не смее да биде оддлечена 5 години од денот на регистрирање. Како ќе се решаваат корисниците по апслвирањето, сé уште не е разјаснето.
Новата платформа ќе биде достапна преку посебно „јазиче“ во менито на главната Фејсбук платформа. Меѓутоа, четот на новата мрежа ќе функционира независно во однос на Facebook и Messenger. Корисниците ќе можат да додаваат и специфични информации за своето студирање, како студентскиот дом во кој престојуваат и студентски организации во кои членуваат, кои ќе бидат сокриени за корисниците надвор од Facebook Campus.
„Сакавме да создадеме производ кој ќе им олеснува на студентите да се запознаваат едни со други, да одржуваат врски и лесно да започнуваат разговори. Навистина сметаме дека мрежата Campus е порелевантна сега од било кога. Со пандемијата на Ковид-19, гледаме дека многу студенти нема да се вратат на своите кампуси оваа есен. Предавањата се одржуваат онлајн и студентите се обидуваат да одговорат на оваа нова нормала, како да останат поврзани со здруженијата и организациите за кои им е грижа, сега кога не се заедно,“ посочи Шермејн Ханг, менаџер на новиот производ Facebook Campus.
Новата мрежа првично ќе биде достапна за студентите на триесетина универзитетски кампуси во САД, со планови за натамошно проширување. Се чини дека Facebook Campus е обид за подобрување на нивната корисничка база меѓу тинејџерите и студентите – демографска група која во последните години губи се повеќе интерес во главната платформа на Фејсбук.