Маурис Ешли е првиот црнечки велемајстор во шах, кој со титулата се здобил во далечната 1999 година. Шаховското патешествие на Ешли започнало во рамки на легендарната улична шаховска група The Black Bear School од Бруклин, Њујорк, а токму таа приказна е тема на најновата реклама на францускиот алкохолен бренд Hennessy.
Кампањата вклучува повеќе спотови со различна должина, во кои се рекреира амбиентот на Бруклин во раните 1990-ти години, во кој се развила шаховската група The Black Bear School. Кампањата посветува големо внимание на деталите, па така автентичноста на спотовите е запазена во однос на локациите, облеката, уличната уметност, музиката, па дури и самата техника на снимање со камери и филм од тоа време.
Музиката игра особено важна улога во кампањата, комбинирајќи ги звуците на хип-хопот на (тогаш) помладата генерација шахисти од The Black Bear School, со џезот и соулот на нејзините постари членови. Притоа, во еден момент музиката преминува во класичното дело „Реквием“ од генијалниот Моцарт – омилениот на велемјасторот Маурис Ешли.
https://www.youtube.com/watch?v=7T9xAqMBOSY
Пократките спотови од кампањата со фокусираат на кратки животни лекции кои Ешли ги научил од шахот, како што се трпеливоста и способноста да се победи противникот преку способноста за гледање на работите од негова перспектива.
Кампањата е дело на агенцијата Droga5, режисер на спотовите е Даниел Волф од продукцијата Somesuch, а наратор е познатиот рапер Нас.

















