Приходите што заедно ги оствариле терестријалните телевизии на државно ниво – ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алфа и ТВ Алсат- М во 2019 година изнесувале 1.120,49 милиони денари (околу 18,2 милиони евра), покажува најновата анализа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски податоци.
Прв пат после три години, овие телевизии ги зголемиле вкупните приходи, и тоа за 5,32%.
ТВ Алсат, ТВ Канал 5 и ТВ Сител оствариле повеќе приходи отколку во 2018 година, а намалување забележале ТВ Алфа и ТВ Телма.
Уделот на продадениот простор за рекламирање во вкупните приходи изнесува 94,82%. Приходите од продажба на реклами во 2019 година изнесувале 1.062,44 милиони денари и во однос на претходната година се зголемиле за 8,29%.
Зголемувањето во најголема мера се должи на приходите што овие пет телевизии ги оствариле од платено политичко рекламирање (ППР), во вкупен износ од 101,22 милиони денари. Од нив, 34,71 милион денари прикажала ТВ Сител, 22,55 милиони денари ТВ Канал 5, 21,04 милиони денари ТВ Алсат-М, 13,23 милиони денари ТВ Телма и 9,69 милиони денари н ТВ Алфа.
Приходите од огласувачките компании се зголемиле за 6,63 милиони денари. ТВ Канал 5 прикажала за 30,65 милиони денари повеќе приходи од рекламирање отколку во 2018 година, а ТВ Сител 0,42 милиони денари повеќе. Останатите три телевизии оствариле помалку приходи од рекламирање отколку во претходната година.
Просечниот број на вработени во редовен работен однос во овие пет телевизии изнесувал 569 лица, односно три лица помалку отколку во претходната година. Од нив, 98 лица биле вработени во ТВ Телма, 142 лица во ТВ Сител, 136 лица во ТВ Канал 5, 110 лица во ТВ Алсат-М и 83 лица во ТВ Алфа.