Генералните извршни директори на технолошките компании Фејсбук, Гугл и Твитер, односно Марк Зукерберг, Сундар Пичаи и Џек Дорси, повторно ќе сведочат пред американскиот Конгрес во однос на регулацијата на социјалните мрежи.
Сослушувањето кое го организира Комитетот за трговија, наука и транспорт на Сенатот е закажано за 28 октомври, односно само неколку дена пред одржувањето на американските претседателски избори на 3 ноември.
Се очекува дека фокусот на сослушувањето ќе биде насочен кон фамозниот Член 230 од Законот за телекомуникации, донесен како измена во 1996 година. Членот ги штити онлајн платформите од одговорност во однос на содржините кои на нив ги постираат корисниците и им овозможува да развиваат сопствените правила за модерирање на содржините.
Во последните години, членот од законот беше критикуван од двете доминантни политички страни во САД. Од една страна, Републиканците и актуелниот претседател Доналд Трамп сметаат дека тој им овозможува на социјалните мрежи да бидат политички пристрасни и да ги цензуриараат десничарските содржини. Од друга страна, Демократите сметаат дека тој треба да се измени со цел да им се наложи на социјалните платформи да заземат поцврст став во однос на модерирањето на говорот на омраза и дезинформациите.