Фејсбук ќе започне да забранува реклами што ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат, соопшти социјалната мрежа и исто така најави нова информативна кампања за вакцината против грипот.
Компанијата, сепак, појасни дека ќе бидат дозволени реклами и објави кои се “за“ или “против“ законодаствата и политиките кои се однесуваат на вакцинацијата, вклучително и вакцината против „ковид-19“.
Според правилата на компанијата, забранети се реклами со неточни информации за вакцината, но дозволени се реклами или објави кои изразуваат спротивставување на вакцините, освен ако не содржат лажни тврдења.
Ова лето, службеникот за јавна политика на Фејсбук, Џејсон Хирш, изјави дека компанијата верува дека на корисниците им е дозволено да го изразат своето лично мислење и дека поагресивната цензура на крајот може да ги турне луѓето кои се „сомневаат“ на вакцинација, во таборот на оние кои силно се спротивставуваат на вакцинацијата.
Фејсбук ќе започне со новата политика од следната недела. Компанијата е под голем притисок од политичарите и здравствените власти, во време кога се развиваат повеќе вакцини против ковид-19, да забрани каква било содржина што изразува спротивставување на вакцинацијата.
Во интервју за Гардијан кон средината на септември, извршниот директор Марк Цукерберг експлицитно рече дека нема да ги отстрани објавите на противниците на вакцинацијата и покрај фактот што водечките светски експерти за вирусологија се надеваат дека вакцината за ковид-19 ќе им биде достапна на граѓаните до крајот на оваа или почетокот на следната година.
„Ако некој во своето соопштение тврди дека вакцината е штетна и дека е загрижен за тоа, од моја перспектива, многу е тешко да се каже дека не смее да го искаже својот став. „Нашите системи не функционираат на тој начин“, заклучи тогаш Цукерберг.