Популарниот актер и комичар Крис Рок е ѕвездата на новата заедничка реклама на Apple и Verizon за американскиот пазар, во која се промовира новиот iPhone 12 и 5Г-мрежата на Verizon.
Во рекламата, Крис Рок раскажува за промените кои ги нуди 5Г-интернет мрежата со својата неверојатна брзина, стабилност и луксуз. Тој прави споредба помеѓу можностите кои ги нудел интернетот пред повеќе децении и сега, посочувајќи дека порано за да симне песна од интернет му биле потребни повеќе минути од колку што бил долг целиот албум, а сега сето тоа може да се заврши за еден миг.
Покрај слушањето музика, брзата 5Г мрежа ќе донесе револуција во начинот на кој се гледаат и филмови, спортски натпревари, видео-игри во мрежа и сите останати работи за кои е потребен брз и обемен трансфер на податоци. А, како најдобро да се искуси 5Г мрежата? – Секако со новиот iPhone 12 на Apple, е одговорот кој го нуди рекламата.
Спотот, насловен “5G Just Got Real” („5Г штотуку стана реален“), е создаден со помош на креативната агенција TBWA\Media Arts Lab и продукциската куќа Hungry Man.