Холивудскиот актер Брус Вили се враќа во улогата на детективот Џон Меклејн од филмската франшиза „Умри машки“ (Die Hard) во новата реклама за автомобилските акумулатори DieHard на Advance Auto Parts.
Рекламата отпочнува со сцена во која Вилис т.е. Меклејн се мачи со својот автомобил кој никако не успева да запали поради испразнет акумулатор. Тој се одлучува да купи нов, и тоа издржливиот DieHard, но навидум едноставната задача се претвора во акционен предизвик кога повторно се соочува со својот непријател Тео (толкуван од Клеренс Гилијард) од првиот филм во франшизата од 1988 година.
После секакви перипетии, очекувано, Меклејн успева да го смени акумулаторот на автомобилот и да победи.
„Никогаш не сум направил реклама со ликот на Џон Меклејн, но Advance Auto Parts ја донесоа идејата како да се интегрира акумулаторот DieHard во приказната Die Hard преку краток филм кој е автентичен за приказната на Меклејн и двата брендови. Компанијата пристапи кон рекламата како да се работи за филм – сценариото е паметно, продукцијата е интензивна, а спотот е забавен. Ова е тоа што го очекуваат фановите на Die Hard. Мислам дека ќе им се допадне,“ соопштил позантиот актер по повод лансирањето на рекламата.
Компанијата Advance Auto Parts ги откупила правата за производство и продажба на акумулаторот DieHard од страна на Sears во декември минатата година за 200 милиони долари.