Amazon лансираше глобална кампања за својот гласовен асистент Alexa во која ја преминува границата помеѓу секојдневието и светот на фантастичното.
Кампањата вклучува два едноминутни спотови чија цел е на забавен и хумористичен начин да илустрираат како Alexa може да им помогне на луѓето да ги остваруваат посакуваните работи само со помош на нивниот глас, односно како зборовите можат да отворат еден целосно нов свет.
Првата реклама отпочнува со епска сцена на битка достојна за Game of Thrones и Lord of the Rings, но во центарот на сите збиднувања се наоѓа човек кој пегла алишта и со помош на својот глас успева да ги враќа и прегледува тие сцени и збиднувања.
Втората реклама отпочнува со оперски перформанс во 18 век, кој го прекинува човек кој ужива на лежалка и од музичарите и оперската пејачка бара да изведат „нешто позабавно“, па следува оперска верзија на „I Feel Love“ од Дона Самер.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Droga5 од Лондон и продукциската куќа Biscuit Filmworks.
„Дури и секојдневните работи, како вклучувањето на светлата, менувањето на музика и враќањето на сцени од филмови се чинат епски и магични кога можете да ги контролирате со ништо освен вашиот глас… и секако со Alexa,“ посочува Шели Смолер, извршен креативен директор на Droga5 London.