Потпишан е меморандум за основање на стратегиско партнерство за научно-истражувачки проекти помеѓу Економски Факултет – Скопје и агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД. Економски Факултет – Скопје како една од најдобрите високообразовни институции со одлуката ќе го приближи сегментот на бизнис истражувања и консалтинг до студентите на факултетот.
“Идејата е заедничко работење од научно-истражувачки проекти до макроекономски анализи кои што бидат од поширок интерес. Вакви соработки се од клучно знаење за унапредување на образовниот процес и бизнис секторот во државата. Преку преносот на знаење и креирање на вакви партнерства се зголемува можноста за унапредување на работењето на сите инволвирани страни и општеството во целина. Ние како Економски Факултет – Скопје долго сме водечки факултет и секогаш се внесуваме и претставуваме нови можности како за студентите така и за вработените. Во период кога се соочуваме со можеби најголемата економска и здравствена криза што ќе ја доживееме, блиската соработка помеѓу сите интересенти на општеството е одржлива шанса да ја надминеме тековната состојба и да поставиме основа за идни успеси” – изјави деканот на Економски Факултет – Скопје, проф. д-р Предраг Трпески.
“Потребна е поголема соработка помеѓу бизнис секторот и високо образовните институции. Инсајдер ИД соработува со Економски Факултет – Скопје подолг временски период преку гостински предавања, пракси и присуство на конференциите организирани од факултетот. Со овој меморандум, ќе ја издигнеме соработка на повисоко ниво. Студентите ќе имаат прилика да го користат нашето знаење, експертиза и алатки во нивните истражувања, да работат со нас на реални проекти и многу поблиску да се запознаат со бизнис секторот. Лично се надевам и ќе работам на тоа да поставиме нови бизнис стандарди преку креирање на модели, методологии и стратегии не само во државата туку и на интернационално ново. Инсајдер ИД како домашна истражувачка и консалтинг агенција ќе продолжи со активностите и целите за унапредување на бизнисот” – изјави Сергеј Зафироски – Генерален менаџер на Инсајдер ИД.
“Со соработката се предвидува и организација на неколку заеднички истражувања на Економски Факултет – Скопје со Инсајдер ИД на макро-економски теми со што и пошироката јавност и економија би имале бенефит. Меѓу другото, Инсајдер ИД ќе овозможи пристап на својот софтвер до сите студенти и вработени на факултетот кои имаат интерес да извршат научно истражувачки проекти користејќи професионален систем” – изјави продеканот за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Мијалче Санта.
Целта е да се поттикне и поголема соработка помеѓу компаниите и високо-образовните институции за зголемување на подготвеноста на студентите за реалниот бизнис, иновативноста и претприемништвото во државата.