Како што расте интересот за одржливост, така и големите компании најавуваат нови иницијативи за поттикнување на „зелена“ модна потрошувачка.
Популарна компанија за фармерки Levi’s, најави лансирање на нова програма за откуп и препродажба, како би се намалил отпадот од фармерки.
„Веќе имаме доминантен удел на пазарот на половни фармерки, така што овој чекор беше логичен за нашиот бренд“, изјави директорката за маркетинг Џенифер Сеи за новата иницијатива на компанијата Levi’s, наречена „SecondHand“.
Преку SecondHand, Levi’s ќе им овозможи на купувачите да ги заменат користените фармерки и јакни за вредносна картичка од околу 10 до 20 евра, во зависност од состојбата на донесената облека.
Купувачите имаат нова можност, а тоа е покрај продажбата на своите стари производи, сега да купат и „нови“ користени фармерки и јакни што другите ги донирале. Фармерките ќе имаат цена од 25 до 80 евра. Доколку облеката не е во согласност со „стандардите за препродажба“, купувачот ќе добие подарок картичка во вредност од четири евра, а фармерките ќе го продолжат својот пат на рециклирање. Сè на сè, новиот пазар, кој ќе биде претставен на levi.com, овозможува сеопфатно одржливо искуство на купување.
„Младите особено, имаат навистина висок ангажман на пазарот за половна облека. Скоро 60 проценти од нив купуваат половна гардероба, што можам да го потврдам од лично искуство, бидејќи тоа го прават моите тинејџери. Тие обожаваат „лов“ на гардероба. Чувствуваат дека со овој вид на купување добиваат нешто малку поуникатно отколку кога купуваат „винтиџ“, а во време кога ретро стиловите од осумдесеттите и деведесеттите години се толку популарни, преферираат да носат оригинал, наместо копија, која е производ на денешната модна индустрија. Ако сите одлучиме да купиме половна облека, наместо нова, тоа би заштедило 80 проценти од емисијата на јаглерод диоксид и околу 1,5 килограм отпад“, објасни Сеи.
На глобално ниво, потрошувачите годишно „фрлаат“ речиси 400 милијарди евра вредност во облека која некој друг би можел да ја носи. Продолжувањето на животниот век на облеката за само девет месеци може да го намали нејзиниот удел во емисијата на јаглерод диоксид, отпад и вода за 20 до 30 проценти. Според таа логика, ретро фармерките од деведесеттите може да имаат еколошки отпечаток близу до нула.
Вработените во компанијата Levi’s се надеваат дека новата иницијатива ќе биде интересна за помладите купувачи и ќе ја подигне свеста кај другите нивни клиенти.