Брендот за брза храна Burger King се здружи со агенцијата MullenLowe за својата нова кампања “Scary Places” („Страшни места“) во пресрет на „Ноќта на вештерките“, во која ги задеваат своите конкуренти.
Имено, Burger King откри повеќе локации на стари и напуштени ресторани на нивните конкуренти во неколку американски држави, вклучувајќи ги Тексас, Охајо, Алабама и Роуд Ајланд. Иако имињата на компаниите не се експлицитно наведени, според понудените „страшни“ фотографии, евидентно е дека напуштените објекти некогаш припаѓале на McDonald’s и Wendy’s.
Burger King потоа ги предизвикува сопствените фанови да ги посетат овие места во замена за бесплатен Whopper-оброк. Компанијата ги објави адресите на напуштените ресторани на својот веб-сајт и на социјалните мрежи, а фановите треба да дојдат во радиус од 300 чекори (околу 90 метри) на објектите, по што ќе можат да симнат купон за бесплатен Whopper преку мобилната апликација на Burger King.