Креативната агенција Neue од Осло го откри изгледот на новиот норвешки пасош, на кој работеле цели шест години.
Агенцијата ја добила задачата за редизајн на норвешкиот пасош во 2014 година, при што новиот дизајн морал јасно да го изразува норвешкиот идентитет, да биде вистински дизајнерски предмет со високи естетски вредности, но истовремено и да остане доследен на вистинските традиционални вредности.
Од Neue решиле да ги истражат природните убавини на државата и да ги преточат во новиот дизајн. Преку внимателна комбинација на точки и линии, пасошот ги прикажува норвешките планини, шуми, реки, па дури и познатата Поларна светлина, а кога пасошот ќе се постави под УВ-светлина, пејсажите „оживуваат“.
„Сликите на пејсажи лесно можат да станат клише, но поради тоа што се нашироко прифатени и вкоренети во норвешката култура, многу е лесно да се идентификувате со нив. Пејсажите кои нé опкружуваат ни даваат чувство на припадност и гордост, исполнувајќи симболичка функција за целата нација,“ истакнува Ларс Хавард Дасторм, креативен директор на агенцијата Neue.
Пасошот се состои од повеќе напредни безбедности обележја, а ќе биде достапен во три различни бои – бела, црвена и сина, како норвешкото знаме.