На денешната владина седница, Владата го усвои Предлогот за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се доуреди начинот на кој радиодифузерите и операторите ќе постапуваат во однос на странските програмски сервиси и почитувањето на авторските и сродните права.
Во таа насока се предлага измена на членот 143 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и заради фактот што авторските права се регулирани со Законот за авторското право и сродните права.
Владата донесе заклучок да ѝ препорача на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги до усвојување на предложените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да ја пролонгира примената на подзаконските одредби што произлегуваат од ставовите 3 и 4 од член 143 од законот.
Да се потсетиме, овој член се однесуваше на обврските на операторите кои реемитуваат програмски сервиси, а во посочените ставови се предвидуваше дека одговорното лице на операторот и одговорнто лице на радиодифузерот доставуваат изјава со која потврдуваат дека ги имаат уредено ТВ правата за страскиот радиодифузер кој планираат да го реемитуваат во Македонија. Во случај на реемитување на било кој дел од програмскиот сервис на радиодифузер од друга држава, за кој програмски сервис тој радиодифузер нема регулирани права за територијата на Република Северна Македонија, целата морална, материјална и кривична одговорност паѓа на операторот кој го реемитува тој програмски сервис и на радиодифузерот, а постапката за утврдување на одговорноста за сторената повреда или прекршување, како и начинот на регистрација на законски застапник на радиодифузер од друга држава ја пропишува Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со подзаконски акт.
Овие ставови предизвикаа негодување и реакција од страна на операторите кои сметаа дека е нелогично тие да ја преземат целата одговорност ако некоја реемитувана програма крши некаков вид на авторски права и дека е невозможно да се очекува дека одговорните лица на сите светски странски канали би дошле да потпишат нотарска изјава во нашата земја, а од друга страна домашните ТВ програми инсистираа на доследно применување на одредбите бидејќи според нив мора да се стави крај на нелојалната конкуренција од многу странски канали кои емитуваат ТВ програми за кои не ги имаат регулирано правата за ре-емитување во македонскиот телевизиски простор.
Останува да видиме како ќе изгледа конечното решение околу оваа тема која стана особено актуелна во првите месеци од кризата поради пандемијата која постоеше најава дека дел од операторите размислуваат да го прекинат реемитувањето на домашните и странски тв канали.