Турција денес го изрече првиот пакет високи казни за социјалните медиуми, вклучувајќи ги Твитер, Фејсбук и Инстаграм, за кршење на контроверзниот закон кој значително ја зајакнува владината моќ над тие платформи.
„Казна од 10 милиони турски лири (речиси еден милион евра) е изречена на социјалните мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Перископ, Јутјуб и ТикТок, кои не назначија претставник по истекот на законскиот рок“, објави на Твитер заменик министерот за транспорт и инфраструктура Омер Фатих Сајан.
Законот кој значително ја зајакна контролата на владата врз социјалните мрежи стапи на сила во октомври.
Според новиот закон, социјалните мрежи со повеќе од милион уникатни посети дневно, како што се Твитер и Фејсбук, мора да имаат претставник во Турција и да се потчинуваат кон судовите кои бараат отстранување на одредена содржина во рок од 48 часа.
Во случај на неусогласеност, платформите ризикуваат парични казни до 30 милиони турски лири, односно три милиони евра, забрана за приходи од рекламирање и нагло намалување на нивниот обем.
И покрај заканата од санкции, речиси сите социјални мрежи досега одбија да ги почитуваат мерките предвидени со закон, сметајќи дека тоа може да доведе до цензура.
Според професорот по право Јаман Акдениз, само руската платформа Вконтакте се согласила да назначи претставник во Турција.
Турската влада внимателно ги следи Твитер и Фејсбук, а бројни тужби за „навреда на шефот на државата“ или за „терористичка пропаганда“ се покренати врз основа на обични твитови.
Во 2019 година, Турција блокираше пристап до 408 000 веб страници, 40 000 твитови, 10 000 видеа на ЈуТјуб и 6200 споделувања на Фејсбук, според извештајот на Здружението за слобода на изразување.