Британската комуникациска холдинг компанија WPP соопшти дека ги спојува дигиталната агенција AKQA и креативната мрежа Grey во единствена агенциска групација која ќе го носи името AKQA Group.
Со спојувањето ќе се создаде вистински гигант во индустријата кој на клиентите ќе им нуди извонредна креативност, иновативност и бренд-билдинг на глобално ниво, посочуваат од WPP.
Одлуката за именување на новата компанија AKQA Group воедно ќе значи и крај за брендот Grey – еден од најстарите и најиконични агенциски брендови во историјата. Агенцијата Grey била основана уште во далечната 1917 година, а купена од страна на WPP во 2004 година.
Дигиталната агенција AKQA била основана во 1994 година и купена од страна на WPP во 2012 година. Нејзиниот основач и досегашен генерален извршен директор Ајаз Ахмед ќе ја превземе функцијата на генерален извршен директор на новата AKQA Group.
Извршниот директор на Grey пак, Мајкл Хјустон, ќе ја врши функцијата на претседател и генерален оперативен директор на AKQA Group.
Новата агенциска групација ќе вработува околу 6,000 луѓе во повеќе од 50 држави низ светот.
Спојувањето на AKQA и Grey претставува продолжување на трендот кој го започна WPP уште пред неколку години, откако во 2018 ги спои Wunderman и JWT за да ја создаде компанијата Wunderman Thompson, односно VML и Y&R за да ја создаде VMLY&R.