Вкупно 8.5 милијарди долари биле потрошени за политичко рекламирање во САД од почетокот на претседателскиот изборен циклус на стартот на годината, пренесува AdAge. Од нив, околу 1.8 милијарди долари биле вложени во текот на есента, во директната претседателска трка помеѓу двајцата финални кандидати Џо Бајден и Доналд Трамп.
Повеќе пари потрошил новоизбраниот претседател Џо Бајден – околу 661 милион долари самостојно и повеќе од 1 милијарда долари заедно со други групи на Демократската партија. Противкандидатот и актуелен претседател Доналд Трамп потрошил 500 милиони долари самостојно, односно 760 милиони заедно со други групи на Републиканската партија.
Најголем дел од парите биле потрошени во сојузната држава Калифорнија (воедно и држава со најголем број на жители во САД) – вкупно 475 милиони долари. Од градовите, најмногу пари биле потрошени во Феникс во сојузната држава Аризона (необјавен износ), што ја зацврстува позицијата на Аризона како клучна држава за победа во овој и идните изборни циклуси.
Скоро половина од вкупното трошење за политичко рекламирање (49.3%) било инвестирано во локални телевизии, при што трошењето на двата кандидати во однос на оваа ставка е скоро изедначено. Во однос на дигиталните медиуми, таму предначи Трамп кој потрошил 38.8% од својот вкупен изборен буџет на дигитално рекламирање, наспроти 25.6% на Бајден. Од друга страна, Бајден потрошил повеќе пари за радио реклами – 3.6%, наспроти 1.3% на Трамп.