Откако Џим Фарли дојде на чело на Ford пред повеќе од еден месец, веднаш најави неколку клучни промени во лидерскиот тим на компанијата, меѓу кои и промената на генералниот маркетинг директор.
Беше соопштено дека дотогашната маркетинг директорка на Ford и претседателка на луксузниот бренд Lincoln, Џој Фалотико, ќе се посвети исклучиво само на втората позиција. Името на наследникот не беше соопштено, но генералниот директор Фарли посочи дека тоа ќе биде човек надвор од компанијата.
Деновиве, тоа име беше конечно објавено – Сузи Диринг, досегашен генерален маркетинг директор на платформата за е-трговија Ebay. Диринг во Ebay работела повеќе од 5 години, а пред тоа ја извршувала функцијата генерален извршен директор на маркетинг агенцијата Moxie. Таа исто така има поминато и 13 години во Verizon Wireless.
Нејзината задача во Ford ќе биде да ги модернизира маркетинг и бренд стратегиите на компанијата и да го поттикнува развојот на маркетиншкиот талент во самата компанијата. Истовремено, таа ќе биде задолжена директно да ги води сите маркетиншки операции на Ford во Северна Америка, како пазар кој носи 70% од приходите на Ford.
Диринг ќе стапи на функцијата од 4 јануари 2021 година.