Женската иницијатива Женска слободна зона со обележување на јавните простори во градот Скопје, каде најчесто се случува сексуално вознемирување на јавни простори го одбележа 25 ноември – Меѓународен ден за борба против насилство врз жените и одбележува 16 дена против родово базирано насилство.
Герила акцијата е изведена на места, односно локации наведени од жени и девојки кои доживеале сексуално вознемирување на јавните простори во градот Скопје и кои пополниле анкета спроведена во октомври годинава.
-Со оваа акција, сакаме да ја подигнеме свесноста за оваа форма на сексуално вознемирување и истовремено да испратиме порака за солидаризација и заедничка борба против сите форми на вознемирување и насилство врз жените, велат од иницијативата Женска слободна зона.
Женска слободна зона (ЖСЗ) е женска иницијатива за зголемување на свесноста за сексуалното вознемирување на жени на јавни простори. Иницијативата е производ на желбата за солидаризација и заедничка борба против сексуалното вознемирување, уличното вознемирување и мизогинијата, како и на нашите заложби за изградба на мир во општеството преку намалување на родовиот јаз.